Велика Британија одби да покани израелски преставници на саемот за оружје во Лондон

Илустрација, архивска фотографија, демонстрант протестира против Лондонскиот саем за оружје

Велика Британија ја затвори вратата за израелските владини претставници на кои не им е дозволено да присуствуваат на најголемиот саем за оружје во земјата поради растечката загриженост за хуманитарната криза во Газа.

Одлуката не ги опфаќа претставниците на израелските изведувачи на одбранбени услуги, на кои ќе им биде дозволено да присуствуваат на изложбата (DSEI UK) закажана од 9 до 12 септември во Лондон.

Настанот порано беше познат како Меѓународен саем за одбранбена и безбедност опрема (Defense and Security Equipment International).

„Одлуката на израелската влада дополнително да ја ескалира својата воена операција во Газа е погрешна“, се вели во соопштението на британската влада. „Како резултат на тоа, можеме да потврдиме дека ниедна израелска владина делегација нема да биде поканета да присуствува на DSEI UK 2025.“

Одлуката доаѓа откако премиерот Кир Стармер во јули објави планови за признавање на палестинска држава доколку Израел не преземе чекори за ставање крај на кризата во Газа, не се согласи на прекин на огнот со Хамас и не се обврзе на долгорочен мировен договор.

Видете и ова: ЕУ останува поделена околу санкциите врз Израел поради војната во Газа

Велика Британија претходно ја забрани продажбата на какво било оружје на Израел што може да се користи во речиси 23-месечната војна во Газа.
Министерството за одбрана на Израел соопшти дека одлуката е заснована на политика и „им служи на екстремистите“.

„Овие ограничувања претставуваат намерен и жален чин на дискриминација против претставниците на Израел“, соопшти министерството.

Израелското министерство соопшти дека ќе се повлече од изложбата и нема да воспостави национален павилјон.

Пропалестинските и антивоените групи најавија планови за протести за време на најавениот настан, кои ќе се одржат во центарот на источен Лондон.