Иранската револуционерна гарда на 30 август соопшти дека уапсила осум лица кои се осомничени дека се обиделе да ги пренесат координатите на чувствителни локации и детали за високи воени личности на израелскиот Мосад, објавија иранските државни медиуми.
Тие се обвинети дека ги доставиле информациите до ирзарслаката разузнавачката агенција Мосад за време на воздушната војна на Израел врз Иран во јуни, кога таа нападна ирански нуклеарни објекти и уби врвни воени команданти, како и цивили, во најтешкиот удар врз Исламската Република од војната со Ирак во 1980-тите.
Иран возврати со ракетни напади врз израелски воени објекти, инфраструктура и градови. САД влегоа во војната на 22 јуни со напади врз иранските нуклеарни објекти.
Во соопштението на Гардата се тврди дека осомничените добиле специјализирана обука од Мосад преку онлајн платформи. Се вели дека биле уапсени во североисточен Иран пред да ги спроведат своите планови и дека биле запленети материјали за производство на лансери, бомби, експлозиви и стапици.
Видете и ова: Европските сили го активираа механизмот за враќање на санкциите на ОН врз ИранИранските државни медиуми претходно овој месец објавија дека иранската полиција уапсила дури 21.000 „осомничени“ за време на 12-дневната војна со Израел, иако не кажаа за што се осомничени овие луѓе, јавува новинската агенција Ројтерс.
Безбедносните сили спроведоа кампања на широки апсења, а исто така го засилија и своето присуство на улиците за време на кратката војна што заврши со прекин на огнот посредуван од САД.
Иран егзекутираше најмалку осум лица во последните месеци, вклучувајќи ја и нуклеарната научничка Рузбе Вади, обесена на 9 август затоа што му дала информации на Израел за друг научник убиен во израелските воздушни напади.
Групите за човекови права велат дека Иран ги користи обвиненијата за шпионажа и забрзаните егзекуции како алатки за поширока политичка репресија.