Претседателот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, Вељко Одаловиќ, денеска (29 август) изјави дека 2.322 лица од српска националност кои исчезнале за време на војните во 1990-тите сè уште не се пронајдени, додавајќи дека е „лут на меѓународните организации“ кои „не се обидуваат да го решат ова прашање“.
Според него, повеќе од 9.500 лица од поранешна Југославија сè уште се водат како исчезнати, иако поминаа децении од војната и распадот на државата.
„Загреб и Приштина не сакаат да соработуваат или да дејствуваат во согласност со државните договори“, тврди Одаловиќ.
„Нема да застанеме ниту да се откажеме“, рече Одаловиќ на конференцијата по повод Меѓународниот ден на исчезнатите.
Заменик-претседателот на Координацијата на српските здруженија на семејствата на исчезнати, убиени и починати лица од територијата на Југославија, Душко Челиќ, ги критикуваше државните власти за тоа што сè уште не донеле закон за исчезнати лица.
„Србија е единствената земја во регионот која беше погодена од војните во 1990-тите и не донесе Закон за исчезнати лица“, рече Челиќ.
Видете и ова: Во Пале кај Сараево ексхумирани останки на две жртви од војната во 1990-титеВладите во регионот се обвинуваат меѓусебно дека не прават доволно за да ги пронајдат исчезнатите и дека не се подготвени да соработуваат.
За време на војните во 1990-тите во поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), повеќе од 35.000 луѓе исчезнале, според Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Според последните јавно објавени податоци на Комитетот од 2024 година, судбината на речиси 10.000 исчезнати лица не е утврдена.
Тие оценуваат дека ова е последица на бавниот процес на ексхумација и идентификација на смртните останки, но и на неподготвеноста на властите на земјите во регионот да ги отворат воените и цивилните архиви.