Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државава почнува активности поврзани со проектот за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија од Коридорот 8. Тој посочи дека ова следува откако биле отстранети пречките од минататото и откако Владата донесе одука да активира грант од Европската инвестициска банка како техничка поддршка за ревизија на основниот проект.
„Третата фаза е во процес на развивање, битно е дека сите пречки од минатото што се случуваа се надминати, постигната е согласност со нашиот источен сосед. Техничката поддршка значи ревизија на основниот проект, ревизија на целосната документација и потоа објавување јавен повик за изградба на третата фаза, изјави премиерот Мицкоски, по увид во градежни активности на државниот пат А2, обиколница „Крива Паланка“.
Со тоа, практично ќе биде заокружена целата делница која што е дел од Коридорот 8, од Куманово до граница со Бугарија. Премиерот уверува дека процесот добро напредува така што Коридор 8 ќе биде целосно исполнет.
„Во напредна фаза сме и на Кородорот 10, кој е дел од договорот со Обединетото Кралство и ќе има убави вести и моменти во периодот што следи“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Недоразбирања или политички игри со пругата кон Бугарија?Владата на седница на 26. месецов донесе одлука да се спроведе Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од ЕИБ.
Третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до бугарската граница, е во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничен, како и 52 моста. Со тендерот што пропадна, како што објави Владава, вредноста од првично планираните 340 милиони евра била зголемена на 560 милиони евра.
По повеќемесечен застој, Македонија и Бугарија, на крајот на јуни, постигнаа договор за придвижување на работите поврзани со пругата. На состанокот на двете делегации на 16 јули во Брисел, биле идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на Македонија. За заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, пак, се договориле да формираат работни групи кои ќе финализираат текст на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Видете и ова: Бугарија распиша тендер за пругата кон Северна МакедонијаБугарската Национална компанија за железничка инфраструктура, пак, минатиот месец објави тендер за проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17 километарската делница од Перник до Радомир.
Првата делница од пругата кон Бугарија беше пуштена во јануари годинава. Околу триесет проценти од градежните активности за втората делница се исто така завршени, а веќе е надминат конструкторскиот проблем со столбовите изградени пред 30-ина години на мостовите во близина на Кратово.