Забранети 250 нелегални онлајн приредувачи на игри на среќа

илустрација

Забранети се околу 250 онлајн приредувачи на игри на среќа, кои немаат извадено лиценца во Македонија, информираше министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

„Тоа е битка на нашата генерација и мора да се справиме со нелегалното приредување на онлајн игри на среќа. Затоа што е пандемија којашто ги зафаќа сите граѓани, особено таргет се младите, бидејќи не можат да играат исгри на среќа со лична карта, ги земаат документите на своите родители и нелегално се приредуваат игри на среќа. Потоа имаме украдени пари, банкарски податоци, украдени банкарски картички итн“, рече Андоновски.

Министерот додаде дека секој месец имаат активности и процесот на затворање на онлајн приредувачи на игри на среќа, кои работат нелегално, трае во континуитет.

Тој очекува до крајот на месецот забрана за уште 50 онлајн приредувачи на игри на среќа без лиценци.

Видете и ова: „Јас сум Трајче и сум компулсивен коцкар“

Пред да се донесат законските измени за електронски комуникации кои поминаа во февруари годинава, а во кои е опфатено нелегалното електронско коцкање, биле направени и соодветни анализи.

Според министерството за дигитална трансформација во државата се издадени 48 лиценци на компании за организирање игри на среќа, но евидентирани околу 160 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа, а граѓаните досега на коцкање потрошиле 210 милиони евра.

Видете и ова: Kоцкарската игра - поскапи лиценци, помалку апарати и 500 метри оддалеченост од училишта

Андоновски смета дека на тој начин ќе ги заштитат граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци, картички, сметки во банките, „и ќе го заштитиме буџетот од излевање на средства, коишто би требало да се слеат, како даночна обврска кон буџетот на Македонија“.