Полската влада го обвини претседателот Карол Навроцки дека го запрел финансирањето на услугата за сателитски комуникации „Старлинк“ во Украина со ставање вето на закон за помош на украинските бегалци.
„Претседателот знаел дека законот што го отфрлил за поддршка на украинските граѓани, исто така, содржел прашања поврзани со „Старлинк“. Со својата одлука, тој де факто го исклучи интернетот во Украина“, изјави министерот за дигитализација Кшиштоф Гавковски.
Полската Влада сега бара решенија за тоа како сè уште може да го финансира „Старлинк“.
Конзервативниот Навроцки, кој има врски со опозициската партија „Право и правда“ (ПиС), во понеделник стави вето на предлог-законот за продолжување на исплатата на социјалните бенефиции за воените бегалци од Украина до март 2026 година.
Тој го оправда потегот наведувајќи дека, според него, само оние бегалци што работат во Полска треба да добиваат бенефиции.
„По три и пол години војна во Украина, јавното мислење се промени по ова прашање“, вели полскиот претседател.
Во Полска, украинските граѓани со заштитен статус имаат право на еквивалент од 180 евра месечно како детски додаток по дете. За второто и секое дополнително дете, постои и додаток за грижа за деца од 117 евра месечно за првите две години.
Бегалците исто така имаат бесплатен пристап до образовниот систем и здравствената заштита, ставајќи ги на рамноправна основа со полските семејства.
Законот, кој беше усвоен со гласовите на централно-левичарската коалиција на премиерот Доналд Туск, предвидуваше бегалците да продолжат да ги добиваат овие социјални бенефиции до март 2026 година.
Видете и ова: Полскиот претседател стави вето на законот за социјалните бенефиции за УкраинцитеСепак, законот, чија оригинална верзија датира од март 2022 година, исто така содржи пасус што го регулира обезбедувањето фонд за помош за обезбедување интернет конекција за граѓаните на Украина, која сè уште е нападната од Русија.
Според претходните изјави на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, Полска го финансира обезбедувањето на услугата за сателитски комуникации Starlink на Елон Маск за Украина со еквивалент од 50 милиони долари годишно.
Според Министерството за дигитализација, ветото на претседателот значи дека нема да има правна основа и нема средства за понатамошно финансирање по 30 септември.
„Не можам да замислам подобар подарок за трупите на [рускиот претседател Владимир] Путин од исклучување на Украина од интернет“, напиша Гавковски на социјалната мрежа X.
Тој го обвини Навроцки дека ѝ помага на Русија и му штети на населението што се бори за својата независност.