Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ одбија да ја стават на дневен ред на Претседателството на 25 август иницијативата на членот Жељка Цвијановиќ за номинирање на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, објави Јавната радиотелевизија на Република Српска.
Цвијановиќ претходно најави дека ќе му предложи на Комитетот за Нобелова награда Трамп да биде номиниран за оваа награда.
„Американскиот претседател ја заслужува оваа номинација, бидејќи со својот дипломатски ангажман и личен авторитет постигна резултати што оставија значаен белег во меѓународните односи и значително придонесоа за стабилизација на бројни светски кризи“, изјави таа во образложението на предлогот.
Таа, изјави дека БиХ треба да ги цени неговите напори и достигнувања во областа на мирот, па поради тоа смета дека е оправдано и заслужено Претседателството на БиХ да донесе одлука да го номинира претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир.
На 31 јули 2023 година, Соединетите Американски Држави ја додадоа членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, на списокот на лица санкционирани за закани врз Дејтонскиот мировен договор, интегритетот и суверенитетот на БиХ.
„Овие лидери се директно одговорни за поттикнување на донесувањето закони во Народното собрание на Република Српска со кои одлуките на Уставниот суд на БиХ се прогласуваат за неприменливи во РС, со што се попречува и загрозува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор“, соопшти тогаш Министерството за финансии на САД.
Народното собрание на Република Српска усвои два антидејтонски закони за непочитување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на Високиот претставник.
Двата закони беа суспендирани од Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, но властите на РС продолжија со процедурите поврзани со законите и повторија дека нема да ги почитуваат одлуките на Високиот претставник, што ја продлабочи институционалната криза во БиХ.
Видете и ова: Додик предложи мандатар на Владата на РС без законско овластувањеМилорад Додик, претседателот на Република Српска, кој беше предлагач на Законот за неприменување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина пред Народното собрание на РС и главен застапник за неговото усвојување, претходно беше ставен на списокот на санкционирани лица.
САД воведоа нови санкции против Додик на 5 јануари 2022 година. САД претходно воведоа санкции против Додик на 17 јули 2017 година поради попречување на Дејтонскиот мировен договор.
Нобеловата награда за мир е една од петте Нобелови награди.
Се доделува на поединци или организации кои дале значаен придонес за мирот во светот, првенствено преку промоција на братството меѓу народите, разоружувањето и мирот.
Оваа награда е основана од Алфред Нобел, а ја доделува Норвешкиот Нобелов комитет од 1901 година. Церемонијата на доделување на наградите се одржува на 10 декември во Осло.
Добитниците добиваат награда во форма на медал, диплома и парична награда.