Осомничени од кумановско „испрале“ седум милиони евра

Илустрација

За перење пари, даночно затајување и злосторничко здружување се приведени седум луѓе со помош на специјалната единица „Тигри“. Според сомнежите на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, осомничените ја оштетиле државната каса во вредност од 7 милиони евра.

Две годишната предистражна постапка, покажала дека осомничените од општините Липково, Куманово и Желино, кои се занимавале со набавка и продажба на нафтени деривати го оштетиле буџетот преку незаконско работење.

„Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ“, се вели во соопштението на Обвинителство.

Видете и ова: Одобрено обвинение како продолжение на истрагата за „Адитив“

Осомничените преку фирми кои немале лиценца за трговија со нафта вршеле набавка, транспорт и продажба на нафтени деривари со цел избегнување на давачките кон државата.

„Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување,“ соопшти Обвинителство.

„Се работи за сложена предистрага која опфаќа повеќе правни и физички лица, а
целта е целосно разоткривање на криминална група која дејстувала подолг
временски период и имала за цел вршење на кривичните дела,“ се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Засега само еден осомничен побегнал, седумина по целодневните претреси, се приведени и спроведни пред надлежен судија во Кривичниот суд. Останатите петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.