Суспендирани српски полицајци за прекумерна употреба на сила

Српска полиција во потера на криумчар на мигранти

Српското Министерство за внатрешни работи објави дека суспендирало тројца полицајци поради прекумерна употреба на сила откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како неколку полицајци клоцаат маж на автопатот Белград-Ниш, кој наводно превезувал мигранти.

Во соопштението од неделата навечер, МВР, исто така, изјави дека покренало постапка за внатрешна контрола за притворање на возач кој го запрел своето возило откако била поставена блокада веднаш по наплатната рампа Врчин на влезот во Белград.

Суспендирањето на тројцата полицајци и покренувањето постапка за внатрешна контрола дојде откако полицијата претходно беше обвинета за прекумерна употреба на сила и бруталност против демонстрантите кои, на повик на студентите, протестираат со барање за распишување предвремени избори.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како неколку полицајци удираат лице кое лежи на земја додека во близина се наоѓаат неколку други членови на МВР.

Министерството за внатрешни работи во соопштението наведува дека „поради сомневање за пречекорување на овластувањата при употреба на мерки за принуда... веднаш покренало постапка за внатрешна контрола и донело одлука за привремено отстранување (суспендирање) на тројца полициски службеници до завршување на постапката“.

Видете и ова: Граѓански собири против блокадите низ Србија

Министерството за внатрешни работи додаде дека „без оглед на околностите, ќе дејствува доследно во сите случаи на евентуално пречекорување на овластувањата, со цел да се зачува довербата на граѓаните и да се обезбеди законито и професионално однесување на сите полициски службеници“.
Министерството за внатрешни работи објави и видео на кое се гледа драматична потера на полициски автомобили со возило од марката Сеат (Алхамбра) во обид да се спречи бегство.

На возачот, кој наводно бил прегледан од службата за итна медицинска помош, му е одредена мерка притвор до 48 часа поради сомнение за сторено кривично дело нелегално преминување на границата и шверцување луѓе, а ќе биде приведен во надлежното обвинителство со кривична пријава.
Србија се наоѓа на таканаречената „балканска мигрантска рута“ преку која луѓе од Блискиот Исток, Централна Азија и Африка се обидуваат да стигнат до земјите од Европската Унија и други европски земји.