Тројцата кандидати на Движењето Самоопределување без поддршка за претседател на Собранието на Косово

Собрание на Косово. 22 август 2025 година.

За време на продолжението на конститутивната седница, ниту Хекуран Мурати, ниту Арберије Нагавци , ниту Димал Башa од Движењето Самоопределување (ЛВВ) не успеаја да ги добијат потребните 61 глас за избор за претседател на Собранието на Косово.

Ова беше втор пат Мурати да биде предложен за оваа функција, додека Нагавци и Башa беа предложени за првпат.

За Мурати и Нагавци гласаа по 55 пратеници, додека 46 беа против. Пет пратеници беа воздржани за Мурати, а четворица за Нагавци.

Во меѓувреме, Башa доби 57 гласови „за“, 25 „против“ и 24 „воздржани“. За него гласаа и Арбен Гаши и Беке Бериша, од партии кои во претходниот мандат беа во опозиција.

Конститутивната седница продолжува на 26 август

Конститутивната седница беше прекината и ќе продолжи на 26 август во 11:00 часот.

Видете и ова: Косовското собрание повторно не избра претседател, две кандидатки на владејачката партија не добија поддршка

По седницата, Хекуран Мурати изјави дека целта на партиите кои беа во опозиција е да го блокираат формирањето на институциите на Косово.

„Целта на тие партии е она што не го добија преку гласовите на граѓаните да се обидат да го добијат преку вакви одолговлекувања,“ изјави Мурати.

Што се однесува до гласањето против Димал Башa од страна на Демократската партија на Косово, иако партијата претходно тврдеше дека нема да гласа само за поранешни министри во владата на Курти, Мурати изјави дека тоа покажува дека проблемот не е во имињата на кандидатите.

„И оваа фраза ‘потребни се консултации’ е само уште еден обид за одложување, бидејќи јасно се гледа нивната цел. Станува збор за политички игри, а не за принципи – секојпат кога Движењето Самоопределување (ЛВВ) нуди компромис, опозициските партии поставуваат нов услов,“ рече Мурати.

Претседателот на Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, рече дека од претседавачот Авни Дехари побарале десетминутна пауза за консултации со другите партии пред гласањето за Башa, но тоа не им било дозволено.

„Се надевам дека Дехари нема да биде арогантен задутре. Ако има предлог кој може да ги добие гласовите на ПДК, нека даде пауза од 10 минути,“ рече тој.

Видете и ова: Курти и Грвала велат дека Србија е „реална закана за безбедноста на Косово“

ПДК претходно соопшти дека нема да гласа за министри од владата на Курти, потсети Красниќи, но додаде дека Башa е пратеник и може да добие гласови од неговата партија.

„Имам резервации кон секого,“ нагласи Красниќи, но додаде дека Башa денес можеше да биде избран за претседател на Собранието доколку имаше консултации пред гласањето.

По седницата, пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши, појасни дека Башa претходно лично му побарал глас, па затоа го поддржал.

Бесиан Мустафа изјави дека ЛДК има став дека нема да гласа за кандидати на Движењето Самоопределување без политички договор, но додаде дека пратеникот Гаши со својот глас за Башa изразил личен став.

„Во отсуство на политички договор, која било партија што ќе предложи кандидат за претседател на Собранието, ЛДК нема причина да го поддржи,“ рече Мустафа.

Ехат Мифтараи од Косовскиот институт за правда (ИКД) ја критикуваше ПДК што не гласала за Башa, иако претходно тврдеше дека ги поддржува пратениците кои не биле дел од извршната власт.

„Бесмислени оправдувања по седницата немаат никаква вредност. На Косово му е потребен конституиран парламент за да се отвори патот за формирање влада. Потребни се легитимни институции за да се стави крај на институционалната блокада. ПДК се обиде, но не успеа,“ напиша Мифтараи на Фејсбук.

Видете и ова: Косово покрена обвинение против српскиот функционер Игор Поповиќ

Ова беше третото продолжение на конститутивната седница откако на 18 август беше објавена целосната пресуда на Уставниот суд.

Според пресудата, пратениците имаат рок од 30 дена да изберат претседател и пет потпретседатели на Собранието.

Претседателот на Собранието мора да биде избран со јавно гласање, а едно име може да биде ставено на гласање најмногу три пати.

Од објавувањето на пресудата, Движењето Самоопределување (ЛВВ) ги предложи Албулена Хаџиу, Доника Гервалa и Хекуран Мурати, но ниту еден од предложените не успеа да добие потребни 61 глас.

Демократската партија на Косово (ПДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) изјавија дека ќе гласаат за одредени кандидати од Движењето Самоопределување (ЛВВ). Од друга страна, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) нагласија дека нема да поддржат ниту еден кандидат за претседател на Собранието без претходен политички договор.

ЛВВ на претходните седници – пред последната пресуда на Уставниот суд – инсистираше на кандидатурата на Хаџиу за претседателка на Собранието. Сега оваа партија тврди дека, по неуспешните кандидатури на Гервалa и Мурати, аргументот на опозициските партии од претходниот состав дека Хаџиу не е соодветна за таа функција веќе не држи. ЛВВ ги обвинува другите партии за блокирање на формирањето на институциите.

Сепак, другите партии тврдат дека ЛВВ сега предлага имиња за кои знае дека нема да добијат потребен број гласови. ААК побара името на кандидатот на ЛВВ да се објави однапред, пред да се формализира предлогот, но тоа сè уште не е направено.

Како настана политичката блокада?

Конститутивната седница на Собранието на Косово започна на 15 април, но до денес не е завршена поради несогласувања меѓу политичките партии околу начинот на гласање за претседател на Собранието.

Откако кандидатката на Движењето Самоопределување (ЛВВ) за претседателка на Собранието, Албулена Хаџиу, повеќекратно не успеа да биде избрана на шест јавни гласања, Дехари на 1 мај го смени дневниот ред.

Потоа побара од Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Српската листа да предложат по еден член во комисија што би го надгледувала тајното гласање за претседател на Собранието. На овој предлог се спротивставија партиите кои беа во опозиција во претходниот мандат, кои одбија да номинираат член во таа Комисија.

Првично, ААК поднесе прашање до Уставниот суд во врска со овој политички застој.

Судот одговори на 26 јуни, наведувајќи дека гласањето мора да се одвива според досегашната практика. Судот им даде рок од 30 дена на пратениците да го завршат процесот на конституирање, но тој рок беше игнориран.

Во меѓувреме, ПДК и ЛДК поднесоа одделни иницијативи во врска со прашањето за гласањето за претседател на Собранието.

Видете и ова: Сè уште нема договор за составот на косовското собрание

Уставниот суд на 27 јуни донесе привремена мерка со која им се забранува на пратениците да носат одлуки и да преземаат дејства во врска со конституирањето на Собранието до 8 август.

На 8 август, Уставниот суд ја објави одлуката за двата поднесени предмети – целосната пресуда беше објавена на 18 август – со која утврди дека промената на дневниот ред претставувала прекршување, и го задолжи Собранието да се врати на јавно гласање. Ниту една политичка партија не освои доволно гласови за самостојно да формира мнозинство, ниту е постигнат политички договор.

ЛВВ, чиј лидер Албин Курти е технички премиер, освои 48 места на изборите одржани на 9 февруари, но останатите парламентарни партии не прифатија да гласаат за неговата кандидатка за претседателка на Собранието, за чие избирање се потребни најмалку 61 глас.

ПДК освои 24 места, ЛДК е трета со 20, следува Српска листа – најголемата партија на Србите во Косово – со девет, а коалицијата на ААК и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) со осум места.

Уште 11 места им припаѓаат на малцинските заедници.