Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претстави нов пакет економски мерки за, како што најави, подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Овие мерки предвидуваат ограничување на маржите на најголемите трговски синџири за 3.000 производи, што претставува разлика меѓу набавната цена што ја плаќаат трговците и крајната цена што ја плаќаат потрошувачите. Како што најави, маржите ќе бидат најмногу 20 проценти.
Со мерката се опфатени 24 малопродажни трговци.
Вучиќ на прес-конференција најави и донесување на Закон за трговија и Закон за заштита на потрошувачите.
„Ќе мора да има јасно истакнати ценовници, нема да смее да има измами со таканаречени акции,“ посочи тој.
Видете и ова: Вучиќ ги пoвика претставниците на демонстрантите на јавна дебата, тие одбија додека не се распишат избориМерките вклучуваат и намалени каматни стапки на готовински и потрошувачки кредити, измени во прописите за извршување и обезбедување, попусти за електрична енергија за дел од потрошувачите и пониски цени на огревот.
Најавена е измена и на Законот за извршување и обезбедување (ЗИО) со цел да се оневозможи одземање на недвижен имот доколку се работи за единствена семејна недвижност до 60 квадратни метри и ако живеалиштето на таа адреса е регистрирано најмалку пет години пред поднесување на предлогот за извршување.
Вториот дел од економските мерки, претседателот на Србија го најави за средината на септември.
Претседателот на Србија, Вучиќ ги претставува економските мерки во време на протести што траат повеќе од девет месеци.
Протестите, предводени од студенти, избувнаа по уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.
Видете и ова: Граѓански собири против блокадите низ СрбијаУчесниците на протестите бараат одговорност за трагедијата во Нови Сад, а подоцна во нивните барања вклучија и распишување вонредни парламентарни избори.
Власта ја отфрла можноста за распишување вонредни избори во овој момент.
Први реакции
Опозицискиот Зелено-лев фронт (ЗЛФ) оцени дека ограничувањето на трговските маржи нема да доведе до трајно намалување на цените на храната.
ЗЛФ смета дека „во сегашните политички околности, таквите мерки претставуваат обид за политички маркетинг со цел стабилизирање на рејтингот на владејачкиот режим“.
Тие наведоа дека искуствата од Романија, Унгарија и Северна Македонија, на кои се повикува власта, покажале дека до намалување на цените на храната доаѓа во првиот и евентуално вториот месец од важењето на мерката, а потоа постепено се враќаат на првичните нивоа.