Украинецот уапсен во Италија за нападот врз „Северен тек“ одбива екстрадиција

Истекување на гас по експлозија на гасоводот „Северен тек“ снимено од дански воен авион, 27 септември 2022 година.

Украинец уапсен во Италија оваа недела за саботажа на подводниот гасовод „Северен тек“ од Русија до Европа во 2022 година, денеска (22 август) одби да биде екстрадиран во Германија, објавија италијанските медиуми.

49-годишниот маж - кого италијанските обвинители го идентификуваа како Серхиј К., а медиумите го објавија како Серхиј Кузнецов - беше приведен во четвртокот, обвинет дека бил дел од група Украинци кои поставиле експлозивни направи на гасоводот во септември 2022 година, јави Ројтерс.

„Северен тек“ долго време е контроверзен гасовод, бидејќи му овозможи на рускиот гас да ги заобиколи транзитните правци во Источна Европа и ја направи Германија зависна од евтина енергија од Русија.

Тој е првиот уапсен во случајот, кој е политички чувствителен со оглед на руската инвазија на Украина од февруари 2022 година и западната поддршка за Киев.

Преку украински преведувач, тој му рече на судот во Болоња дека го отфрла барањето за екстрадиција на Германија и дека бил во Украина во времето на експлозиите на „Северен тек“, објави италијанската новинска агенција Анса.

Видете и ова: Италија уапси Украинец за нападот врз гасоводот „Северен тeк“

Агенцијата наведува дека неговото следно рочиште е закажано за 3 септември и дека дотогаш ќе остане во притвор.

Серхиј К. беше уапсен во раните утрински часови во четврток во бунгалов во италијанската покраина Римини врз основа на европска потерница.

Германските истраги идентификуваа украинска група од пет мажи и една жена како сторители на експлозиите на гасоводот.

Се верува дека групата изнајмила јахта за да го изврши нападот, објавија германскиот весник „Дер Шпигел“ и други медиуми.

Германските обвинители изјавија дека Серхиј К. користел фалсификувани документи за идентификација за да изнајми јахта, која испловила од германскиот град Росток пред нападот.

Кога се случи експлозијата на Северен тек, западните сили брзо го впери прстот кон Русија, која беше под санкции за нејзината инвазија на Украина.

Москва, пак, го впери прстот кон Украина.

Германските обвинители минатата година издадоа налог за апсење на друг Украинец, по име Володимир З., инструктор по нуркање чија последна позната адреса била во Полска.

Според германскиот јавен радиодифузен сервис АРД и други медиуми, тој е осомничен дека е еден од нуркачите кои поставиле експлозивни направи во операција во која учествувал и брачен пар кој водел школа за нуркање.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата влада не знаела ништо за планот за уништување на Северниот тек.