Рудникот Казандол нема да се отвори. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера вицепремиерот Александар Николовски соопшти дека македонските институции во арбитражна постапка го добиле случајот каде државата беше тужена од неколку инвеститори.
Арбитражен спор пред меѓународна институција во кој некоја компанија бара наплата на шетата од странска држава е пракса кога правилата на игра или договорите се нарушени.
Случајот „Казандол“ стигна до меѓународна арбитража откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018 година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека концесионерот не ги исполнил обврските.
„Ова е втора арбитража која што оваа влада ја добива и очекуваме барем уште две во периодот кој што следи“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Кочани.
Инвеститорите бараа да им се исплати отштета од 115 милиони евра.
Според Мицкоски, треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега истите тие се добиваат.
„Симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи како по правило, а сега ги добиваме. Во случајов станува збор за арбитража која вредеше околу 115 милиони евра. Толку беше тужбеното барање на спротивната страна која што беше побарување од тужениот, тоа беше Македонија. Причина за оваа арбитража беше раскинатата концесија за формирање на рудникот Казандол“, изјави Мицкоски.
Концесионер на „Казандол“ беше англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“.
Видете и ова: Арбитражни спорови може да ја чинат државата една четвртина од БуџетотВладината портпаролка, Марија Митева, информираше дека покрај арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот „Казандол“ во Валандово, добиени се и постапките „Саса“ со вредност од 445 милиони и „Гама“ против Македонија од над пет милиони евра.
Покрај осумте наследени арбитражни постапки, од кои три се инвестициски, а пет трговски спорови, Митева посочи дека Владата наследила и најава за опомена на тужби за најмалку уште четири, а вкупната потенцијална штета изнесувала 865 милиони евра.
„Овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада, која со своите постапки ги доведе во ризик буџетот на државата и меѓународниот углед“, рече таа.