Сибиха: Никакви одлуки во врска со мирот не можат да се донесат без Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха

Мировните одлуки не можат да се донесат без Украина, а преговорите можат да дадат резултати само откако ќе се постигне прекин на огнот, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, пред средбата меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска.

Тој истакна дека ставот на Украина и нејзините партнери на патот кон мирот е принципиелен и јасен и дека не може да се утврди без Киев, пренесуваат украинските медиуми.

„Никој не сака мир повеќе од Украинците. Никој не сака мир повеќе од Европејците. Но, Русија ја гледа својата главна цел во водењето војна. Русија претпочита да гради нови ѕидови на нашиот пат кон праведен и траен мир. Таа сака да ја запечати нашата слобода“, напиша Сибиха во објава на платформата „X“.

Видете и ова: Вознемиреност во Киев и Брисел пред самитот Трамп-Путин во Алјаска

Тој додаде дека само преку единство, кое е „посилно од рускиот империјализам“, може да се постигне достоинствен мир изграден врз сигурна безбедност.

Претседателите на Соединетите Држави и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се сретнат денеска во Алјаска, најголемата и најоддалечената американска држава, за да разговараат за прекин на војната во Украина.

Од Клинтон до Трамп - Самитот во Алјаска ќе биде 49-та средба на Путин со американски претседател

Средбата на 15 август меѓу двајцата лидери, нивна прва откако Трамп се врати на претседателската функција во јануари, би можела да ги преобликува не само идните граници на Украина, туку и европската безбедност, без ниту Киев ниту Брисел да имаат збор.