Едно лице е убиено, а три лица се ранети во вооружена престрелка од возила во Тетово.
Меѓу ранетите лица е и едно малолетно девојче од Тетово на возраст од 12 години. Останатите двајца ранети се на 32 и 37 години.
Министерството за здравство соопшти сите се примени на клиники во Скопје.
„На КАРИЛ е примен 32-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош, тешка телесна повреда. На Детска хирургија е применo 12-годишно дете со прострелна рана во предел на десна натколеница, а на Торакална хирургија е 37-годишен пациент со прострелна рана во предел на граден кош“, соопшти Министерство за здравство.
Дополнително, од сообраќајка настаната при престрелката повреден е и 60-годишен пешак кој бил случаен минувач. Тој е хоспитализиран на Клиниката за трауматологија.
Според првичните податоци од СВР Тетово престрелката се случила околу 12:30 часот на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“. Таа била помеѓу лица од две возила кои направиле и сообраќајна незгода.
Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?По сообраќајката и престрелката, двете возила го напуштиле местото – едното се упатило кон улицата „113“, а другото во непознат правец.
За првиот автомобил очевидци кажале дека било марка „форд фиеста“ со тетовски регистрации, по што полицијата направила проверка и констатирала дека станува збор за одјавени таблички од истото возило во сопственост на 19-годишно лице тетовското село Гајре.
Второто возило, пак, било пронајдено на друга локација и во него било телото на убиеното лице.
„На крстосницата од улица ’Благоја Тоска‘ со улица ’107‘ било пронајдено патничко возило ’фолксваген голф‘ со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово. Во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти СВР Тетово.
За овој кривичноправен настан е формиран истражен тим со кој раководи јавен обвинител од Тетово и увидна екипа од тетовската полиција.
Сè уште, како што информираат оттаму, се врши увид на местото на настанот.