Синот на Дмитриј Медведев работи за руски гигант во воената индустрија

Иља Медведев, син на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

Синот на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев работи во филијала на Ростек, кој е гигантски државен конгломерат што произведува многу од оружјата што Москва ги користи во својата војна против Украина, открива рускиот истражна единица на Радио Слободна Европа (РСЕ), „Система“.

Во 2016 година, пред дипломирањето на еден од најелитните универзитети во Москва, Иља Медведев во интервју за рускиот таблоид МК изјави дека не би сакал да работи за голема државна компанија.

Но, токму тоа го прави. Од октомври 2022 година, помладиот Медведев, кој овој месец наполни 30 години, е советник на директорот на „РТ-Бизнис Дивелопмент“ („РТ-Развитије Бизнеса“), компанија која е дел од Ростек.

Тој е вклучен во инвестиции и управување со средства и зема месечна плата од 270.000 рубли (3.400 американски долари), покажуваат податоците што протекоа од Федералната даночна служба во кои „Система“ имаше увид.

Видете и ова: Како поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев профитира од војната

Владимир Путин го избра Дмитриј Медведев за претседател на Русија од 2008 до 2012 година, со што Путин избегна да ја пречекори уставната граница од два последователни претседателски мандати. Потоа, Путин се врати на претседателската функција во 2012 година, а во 2020 година, протурка амандман што му овозможува потенцијално да остане на највисоката функција во државата до 2036 година.

Како претседател, Медведев се претставуваше како релативен либерал и поддржувач на демократските реформи. Сега како заменик-претседател на советодавниот Совет за безбедност на Путин и претседател на владејачката партија Единствена Русија, честопати се покажува како воинствен поддржувач на руската војна против Украина, користејќи ги социјалните медиуми за да упатува остри пораки и нуклеарни закани против Западот.

Многу од децата на високи функционери во владејачките структури на Путин работат во државни компании или приватни фирми поврзани со владата или, пак, се назначени на некои владини позиции.

Директорот на Ростек, Сергеј Чемезов, е близок со Путин уште од времето кога биле советски офицери на КГБ стационирани во Источна Германија во 1980-тите, кога живееле во иста станбена зграда во Дрезден. Во првите неколку месеци од работењето на Иља Медведев во „РТ-Бизнис Дивелопмент“, раководител на компанијата беше Александар Назаров, долгогодишен познаник на Чемезов.

Иља Медведев е единственото дете на Дмитриј Медведев и неговата сопруга, Светлана. Немаше јавно објавени информации за неговото вработување во рускиот воен гигант, ниту пак јавни информации за тоа како ја добил работата.

Како премиер од 2012 до 2020 година, Дмитриј Медведев беше одговорен за врските со Ростек, а инвестициски фонд поврзан со него стана партнер на Ростек.

Во периодот 2015-2019 година, Иља Медведев работеше во интернет гигантот VK - иако ниту еден од вработените со кои разговараше „Система“ не можеше да каже што работел таму.

„Никогаш не го видов на работа“, рече поранешен виш менаџер.

Ростек поседуваше акции во VK преку „РТ-Бизнис Дивелопмент“, а друг акционер во интернет гигантот во тоа време беше истакнатиот милијардер Алишер Усманов. Во периодот 2019-2022 година, Иља Медведев, пак, работел во инвестицискиот оддел на „Криптонит“, ИТ компанија што во тоа време му припаѓала на Усманов.

Видете и ова: Медведев се закани дека можен нуклеарен удар ќе го претвори Киев во „сива точка“ на картата

Во 2022 година, претставник на Усманов негираше дека тајкунот бил близок со семејството Медведев и рече дека секој обид за поврзување на Усманов со кариерата на Иља Медведев бил „пристрасен“.

Ростек и „РТ-Бизнис Дивелопмент“ не одговорија на барањата за коментар.

Дмитриј Медведев е претседател на Единствена Русија, еден од главните инструменти за политичката контрола на Путин низ целата земја, од 2012 година. Неговиот син се приклучи на партијата неколку месеци откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Последователно, тој беше ставен и на листата со санкции од САД и Европската Унија.

Во 2023 година, Единствена Русија соопшти дека Иља Медведев го координирал воспоставувањето на веб-страница наречена „Јас сум во Русија“ наменета за користење од жителите во деловите од Украина окупирани од Русија, за кои Путин неосновано тврди дека се дел од Русија.