Русија: Соработката со НАСА во вселената ќе продолжи до 2028 година

Меѓународната вселенска станица, 2024 г.

Шефот на руската вселенска агенција Роскосмос изјави дека тој и неговиот колега од НАСА за време на разговорите во САД се согласиле да го продолжат работењето на Меѓународната вселенска станица (МВС) до 2028 година.

Вселената останува една од последните области каде има соработка меѓу САД и Русија, во време кога односите меѓу Москва и Вашингтон се речиси целосно нарушени поради конфликтот во Украина.

Претходно оваа недела, Роскосмос објави дека директорот на агенцијата, Дмитриј Баканов, отпатувал во Соединетите Американски Држави на разговори со вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи.

Видете и ова: Шефот на Роскосмос во САД на разговори со шефот на НАСА

Ова беше првата средба меѓу шефовите на вселенските агенции на двете земји од 2018 година.

„Дијалогот помина добро. Се согласивме МВС да остане оперативна до 2028 година … и ќе работиме на нејзино деорбитирање до 2030 година“, рече Баканов, според руската новинска агенција ТАСС.

Се очекуваше Баканов да се сретне и со тимот на мисијата Crew-11 на НАСА, вклучувајќи го и рускиот космонаут Олег Платонов, пред лансирањето на вселенскиот брод Crew Dragon на SpaceX.

МВС е заеднички потфат меѓу Русија, САД, Европа и Јапонија, а нејзината изградба започна во 1998 година.

Станицата беше планирана да биде оперативна до 2024 година, но Националната вселенска администрација на САД (НАСА) соопшти дека МВС ќе остане оперативна до 2030 година.

Како дел од широките санкции наметнати врз Русија по нејзината агресија во Украина, многу западни земји ја прекинаа соработката со Роскосмос.

Вселенската програма на Русија, извор на гордост за земјата со децении, со години се соочува со хронично недоволно финансирање и корупциски скандали.