Премиерот размислува дали да го разреши Салиу

Шабан Салиу

Неизвесно е дали премиерот Христијан Мицкоски ќе го разреши Министерот без ресор Шабан Салиу кој е опфатен во обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Денеска Мицкоски изјави дека уште размислува на таа тема но и дека ќе се сретне со Салиу.

„Веќе сме во комуникација за понатамошните чекори кои што треба да бидат преземени. Се уште размислуваме на таа тема и кога ќе има нешто ново, јавноста ќе биде запознаена, рече Мицкоски.

Вчера Радио Слободна Европа објави дека Салиу за кој судот одреди мерки на претпазливост а тоа се да се јавува два пати неделно во суд, ги извршува со службен автомобил и возач.

Видете и ова: Министерот Шабан Салиу со службена „шкода“ во суд - каде одат функционерите со државните возила?

Тој не сакаше да даде официјална изјава зошто приватни обврски извршува со службено возило, нешто што е забрането со етичкиот кодекс на Владата.

Државната комисија за спречување на корупцијата пак има само еден случај за злоупотреба на службено возило во предизборни цели.

Од неговиот кабинет се уште немаат одговорено и на прашањата на Радио Слободна Европа.

Инаку во пожарот во дискотеката загинаа 62 млади луѓе а 200 беа повредени. Салиу е обвинет како директор на Државниот инспекторат за заштита, функција на која беше десет години, до 2017 та. Тој пак изјави дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар, а тоа е Тешки дела против општата сигурност.