Град Скопје повторно го постави споменикот на Ќосето

Повторно поставен споменикот на Ќосето во Скопје.

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето повторно е поставен во Скопје, информираше скопската градоначалничка Данела Арсовска, преку соопштение на социјалните мрежи.

Како што може да се забележи од фотографиите што таа ги објави, споменикот овој пат е поставен во близина на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје.

Според Арсовска, со поставувањето на споменикот на Ќосето му се „оддава почит за неуморниот дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“.

„Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, пишува Арсовска во објавата на 28 јули.

Видете и ова: Кога спомениците ќе се исправат пред граѓаните и нивните проблеми

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето првпат беше поставен во 2014 година кај Судската палата во време кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Поставувањето тогаш предизвика поделени реакции во јавноста околу ликот и делото на Ќосето. Дел од историчарите сметаат дека се работи за револуционер и еден од најверните соработници на ВМРО-ДПМНЕ, а други дека станува збор за сериски убиец кој го ликвидирал и сопствениот брат.

Во 2018, споменикот беше отстранет откако локалната власт во Скопје ја презеде СДСМ на чело со тогашниот градоначалник Петре Шилегов. Официјалното образложение за отстранување на споменикот беше дека тој е дивоградба.