Според информациите објавени од Општина Крива Паланка, од вчера гори обемен шумски пожар во атарот на селото Нерав, кој зафаќа површина од над 50 хектари борова шума. Пожарот се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, во близина на селото Герман, како и кон општина Трговиште на територијата на соседна Србија.
Во гаснењето се вклучени екипи од Територијалните противпожарни единици на Крива Паланка, Ранковце и Трговиште (Р. Србија), како и вработени од ЈП „Македонски шуми“ – Подружница Крива Паланка, заедно со жители од селата Нерав и Трговиште.
Видете и ова: 33 пожари за едно деноноќие – 12 сè уште активни низ државатаПоради тешко пристапниот терен и густата шума, пожарот сè уште не е ставен под контрола и претставува сериозна опасност. Надлежните служби најавија дека акцијата за гаснење ќе продолжи и во утринските часови.
Општината апелира граѓаните да се воздржат од движење во шумски и планински предели заради сопствена безбедност и за да им се олесни работата на службите на терен.
Крива Паланка останува во постојана координација со сите надлежни институции и најави редовно информирање на јавноста за понатамошниот развој на ситуацијата.