Европа и Кина повикаа на акција за климатските промени за време на напнатиот самит во Пекинг

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборува за време на воведниот говор на 25-от самит Европска унија - Кина во Големата народна сала во Пекинг, Кина, 24 јули 2025 година.

Кина и Европската Унија упатија заеднички повик за акција за климатските промени за време на инаку напнатиот билатерален самит во Пекинг во четврток, исполнет со големи несогласувања околу трговијата и војната во Украина, јавува новинската агенција Аосшиетет Прес.

По Самитот Кина и ЕУ со излегоа со заедничка изјава за климатските промени, во која бараат поголемо намалување на емисиите и поголема употреба на зелена технологиј, потврдувајќи ја својата поддршка за Парискиот климатски договор. Во неа тие повикуваат на силна акција на претстојниот самит за климата COP30 во Бразил.

„Во флуидната и турбулентна меѓународна ситуација денес, клучно е сите земји, особено големите економии, да го одржат континуитетот и стабилноста на политиката и да ги засилат напорите за справување со климатските промени“, се вели во заедничката изјава.

Нивниот климатски договор беше светла точка во бурниот ден кога европските лидери побараа поизбалансиран однос со Кина во разговорите со претседателот Си Џинпинг.

Тие ја истакнаа трговијата во своите воведни забелешки, повикувајќи на конкретен напредок за справување со растечкиот трговски дефицит на Европа со Кина.

„Како што се продлабочуваше нашата соработка, се продлабочуваа и нерамнотежите“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Стигнавме до пресвртна точка. Ребалансирањето на нашите билатерални односи е од суштинско значење. Бидејќи за да бидат одржливи, односите треба да бидат заемно корисни,“ додаде таа.

Видете и ова: Лидерите на ЕУ на клучен самит во Пекинг

Разговорите се случуваат во услови на финансиска неизвесност низ целиот свет, војни на Блискиот Исток и Украина и закана од американски царини. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ја повика Кина да го искористи своето влијание врз Русија за да стави крај на војната во Украина, долгогодишен апел од европските лидери.

Си повика на подлабока соработка меѓу Кина и Европа за да се обезбеди стабилност во сè посложен свет.

Двете страни треба да ги остават настрана разликите и да бараат заедничка основа, рече тој, фраза што често ја користи за односи со ЕУ.

Кина е подготвена да ја зајакне координацијата за климата и да даде поголем придонес во справувањето со климатските промени, рече тој, но се спротивстави на ограничувањата на ЕУ за кинескиот извоз.

„Се надеваме дека ЕУ ќе ги задржи своите трговски и инвестициски пазари отворени, ќе се воздржи од користење рестриктивни економски и трговски алатки и ќе обезбеди добра деловна средина за кинеските компании да инвестираат и да се развиваат во Европа“, рече тој, според соопштението објавено онлајн од државниот радиодифузер CCTV.

Како и САД, блокот на ЕУ од 27 земји има огромен трговски дефицит со Кина, кој лани изнесуваше околу 300 милијарди евра (350 милијарди долари). Таа во голема мера се потпира на Кина за критични минерали и магнети направени од нив за автомобили и апарати. Кога Кина го ограничи извозот на тие производи како одговор на царините на Трамп, европските производители на автомобили се пожалија.

ЕУ воведе царини за кинеските електрични возила за да ги поддржи своите производители на автомобили со балансирање на големите субвенции за автомобили од Пекинг. Кина би сакала тие царини да бидат укинати.

Брзиот раст на пазарниот удел на Кина во Европа предизвика загриженост дека кинеските автомобили на крајот ќе ја загрозат способноста на ЕУ да произведува сопствена зелена технологија за борба против климатските промени.

Бизнис групите и синдикатите, исто така, стравуваат дека работните места на 2,5 милиони работници во автомобилската индустрија би можеле да бидат доведени во опасност, како и работните места на уште 10,3 милиони луѓе чие вработување индиректно зависи од производството на електрични возила.