Владата на Сирија објави прекин на огнот во градот Свеида, една недела по судирите меѓу локалната верска заедница Друзи и војската, јави агенцијата АФП.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Нуредин ел-Баба, напиша на Телеграм дека сите „племенски борци се евакуирани од Свеида“, додека борбите во градските населби се завршени.
Конфликтот меѓу Друзите и сунитските бедуини се интензивираше минатата недела, на 13 јули и оттогаш во борбите загинаа околу 940 лица, според невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права (СОХР).
Видете и ова: Најмалку 37 загинати во вооружени судири меѓу Друзи и бедуини во сирискиот град СвеидаОколу 87.000 луѓе се внатрешно раселени поради конфликтот, објави Агенцијата за миграција на Обединетите нации (ИОМ).
Владата во Дамаск објави прекин на огнот во саботата и започна со прераспоредување на армиски единици во регионот на југот од земјата.
Привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал-Шарех, ја распореди војската во Свеида во вторникот, на 15 јули, по што Израел бомбардираше неколку локации во Дамаск, велејќи дека сака да ги заштити Друзите и дека се чувствува загрозен од присуството на војската во близина на својата граница.
Кратко по нападот, под покровителство на Соединетите Американски Држави(САД), следеше прекин на огнот меѓу Сирија и Израел.
Друзите живеат главно на југот на Сирија. До почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година имало околу 700.000 Друзи, а присутни се и во Либан и Израел, потсетува АФП.