Путин сака „капитулација“ на Украина: Германскиот шеф на дипломатијата Вадефул, во посета на Киев

Министерот за надврешни работи на Германија, Jохан Вадефул

Рускиот претседател Владимир Путин сака Украина да се предаде, изјави во понеделник (30 јуни) највисокиот германски дипломат, Jохан Вадефул кој е во посета на Киев по неколкунеделните засилени руски бомбардирања на земјата.

Во услови на застој во мировните преговори за ставање крај на повеќе од тригодишната војна, „Путин не отстапува од ниту едно од своите максималистички барања - тој не сака преговори, тој сака капитулација“, рече германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул кога пристигна во ненајавена посета на украинскиот главен град.

„Русија „се обложува на слабеење на нашата поддршка“ и „сака освојување и покорност по секоја цена - дури и по цена на стотици илјади дополнителни животи. Слободата на Украина е најважната задача на нашата надворешна и безбедносна политика“, рече Вадефул во соопштение објавено од неговото министерство.

Видете и ова: Живот, смрт и тортура под руска окупација во Украина

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, синоќа изјави дека брзината на преговорите за завршување на војната во Украина зависи од позицијата на Киев, ефикасноста на американското посредништво и ситуацијата на теренот.

Пет месеци откако американскиот претседател Доналд Трамп дојде на власт, не се гледа крај на војната што Русија ја започна во февруари 2022 година.

Трамп, кој ги притиска двете страни да преговараат за прекин на огнот откако беше инаугуриран во јануари, во петокот изјави дека мисли дека „нешто ќе се случи“ за да се стави крај на војната.

„Зависи од тоа колку ќе биде ефикасно посредништвото на Вашингтон“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата на терен е уште еден фактор што не може да се игнорира.

Песков не даде повеќе информации за тоа што Москва очекува од Вашингтон или Киев. Москва побара Украина да отстапи повеќе земја и да престане да се снабдува со оружје од Западот, што се барања што Киев ги нарекува неприфатливи.