Во руски напад во Одеса загинаа две лица

Зградата во која удрил руски дрон, Одеса, 28 јуни 2025 година

Брачна двојка е убиена за време на рускиот напад врз Одеса, соопштија локалните власти, додека украинската безбедносна служба објави дека уништила руски хеликоптери и противвоздушен ракетен систем во окупираниот Крим.

„Во нападот врз облакодерот во кој беше убиен брачен пар, најмалку десет лица беа ранети“, соопштија украинските власти.

Според службите за итни случаи на Украина, нападот со беспилотно летало предизвикал пожар на три ката од зградата, заробувајќи ги луѓето во становите.

„Уништени домови, исплашени деца, човечко страдање. Ова се последиците од уште еден непријателски напад“, рече градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, на Телеграм.

Олех Кипер, шефот на воената администрација на регионот Одеса, изјави дека бројот на повредени се искачил на 14, меѓу кои и три деца.

„Нашите лекари прават сè што е можно за да спасат секој живот“, додаде Кипер.

Руската страна сè уште не го коментираше нападот. Наместо тоа, руското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе од 40 украински беспилотни летала биле соборени преку ноќ над западните руски региони, како и над окупираниот Крим.

Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави дека три борбени хеликоптери и еден противвоздушен ракетен систем биле уништени кога нивните беспилотни летала го погодиле воениот аеродром Кировск на Кримскиот полуостров.

Не беше можно независно да се потврди ова тврдење, но локалните канали на Телеграм објавија дека во областа се слушнале експлозии во текот на ноќта.

Обраќајќи се на прес-конференција во Минск еден ден претходно, рускиот претседател Владимир Путин рече дека руските и украинските предлози за мир се „апсолутно контрадикторни“. Тој, исто така, го осуди како „агресивно“ неодамнешното ветување на членките на НАТО за зголемување на трошоците за одбрана.

Видете и ова: Живот, смрт и тортура под руска окупација во Украина

На 27 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп изрази надеж дека војната на Русија во Украина ќе биде „решена“, осврнувајќи се на неговиот неодамнешен разговор со Путин.

„Работиме на тоа. Претседателот Путин се јави и рече: Би сакал да ви помогнам со Иран. Реков: направете ми услуга: ќе се погрижам за Иран. Помогнете ми со Русија. Мораме да го решиме тоа. И мислам дека нешто ќе се случи таму“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

Русија продолжи со нападите врз Украина во последните месеци и покрај напорите на САД да посредуваат во постигнување мировен договор.

По две рунди преговори во Истанбул минатиот месец, немаше видлив напредок освен размена на затвореници и останките на убиените во војната.