Се бара притвор и мерки на претпазливост за обвинетите во „Онкологија“

илустрација

Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера (22 мај) поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицинскиот и организацискиот директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.

„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, соопштија од Обвинителството.

Видете и ова: Случај „Онкологија“: Обвинети онколози за несовесно лекување на пациенти и финансиски злоупотреби

Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија.

„Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање“, велат од Обвинителство.

Ваквите мерки според обвинителството се неопходни за непречено водење на кривичната постапка.

Вчера Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“. Првото се однесува на финансиски злоупотреби, а второто за третманот на пациентите. Двајцата поранешни директори, медицинскиот и економскиот се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата, а во второто обвинение се опфатени четворица онколози кои се товарат дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни.