Американскиот Сенат го потврди амбасадорското место во Франција за таткото на зетот на Трамп

Чарлс Кушнер

Американскиот Сенат во вторник (20 мај) го потврди за амбасадор во Франција Чарлс Кушнер, татко на зетот на претседателот Доналд Трамп, кого Трамп го помилува откако беше осуден за манипулирање со сведоци и затајување данок.

Сенатот го потврди Кушнер, кој беше номиниран од Трамп, со 51 глас „за“ и 45 гласови „против“.

Сенаторот Кори Букер, кој ја претставува матичната држава на Кушнер, Њу Џерси, беше единствениот демократ кој гласаше заедно со републиканците на Трамп во негова корист.

Сенаторката Лиза Мурковски од Алјаска беше единствената републиканка која му се спротивстави.

Кушнер се изјасни за виновен во 2005 година по 18 точки од обвинението, вклучувајќи даночно затајување, манипулирање со сведоци и давање нелегални донации за кампањата.

Тој помина две години во затвор, што беше најдолгиот можен рок според спогодбата со обвинителите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

На албанскиот остров на бункерите што зетот на Трамп сака да го претвори во луксузно одморалиште

Случајот, предводен од тогашниот генерален обвинител Крис Кристи ги вклучи и срамните детали од признанието на Кушнер дека ангажирал проститутка за да го заведе својот зет, човек кој соработувал во истрага за финансирање на кампањата, а потоа го снимил состанокот и ѝ го испратил на својата сопруга, сестрата на Кушнер, за да ја одврати од сведочење.

Во 2020 година, Трамп го помилуваше Кушнер, чиј син Џаред се ожени со ќерката на Трамп, Иванка.

Потврдата на Кушнер за амбасадор не е изненадување, потсетува Ројтерс.

Републиканците на Трамп имаат мнозинство од 53-47 во Сенатот и ги потврдија сите кандидати на Трамп откако тој го започна вториот претседателски мандат на 20 јануари.

Кушнер на сослушувањето во Сенатот изјави дека ги признава сериозните грешки од минатото и дека тие би можеле да му помогнат да биде подобар амбасадор, бидејќи ја платил цената за лошите одлуки.