Калас: Дефинитивно треба да го придвижиме процесот на проширување

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас

Процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа ни се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург.

„Гледаме како тензиите растат (во регионот) и дефинитивно треба да го придвижиме процесот на проширување“, истакна Калас.

Таа додаде дека синоќа (13 април) заедно со европските министри за надворешни работи присуствувала на вечера со колегите од Западниот Балкан на која, како што рече, разговарале и дискутирале со пријателите од регионот.

Видете и ова: Кос: Ќе направам сè билатералните спорови да не се пречка кон проширувањето

Калас нагласи и дека деновиве сме сведоци на најсмртоносните напади во руската инвазија врз Украина, во кои се убиени голем број цивили.

„Помина веќе е еден месец од кога Украина се согласи на безусловен прекин на огнот, но тоа не го гледаме од руска страна. Она што е јасно, е дека треба повеќе да ја поддржуваме Украина“, рече Калас.

Таа изрази задоволство што веќе се остварени две третини од нејзината иницијатива за обезбедување муниција за Украина, но дека ЕУ треба да направи повеќе, потсетувајќи дека оваа година европските земји се обврзаа на 23 милијарди евра поддршка за земјата, што е повеќе од минатата година, но дека треба и да се изврши и притисок врз Русија за да ја запре војната.

Високата претставничка информира дека на Советот ќе се разговара и за соработката на ЕУ со земјите од Африка и за засилување на европскиот ангажман на овој континент, како и за состојбата на Блискиот Исток, поврзано со можното олеснување на санкциите кон Сирија и за напорите за запирање на „ужасната загуба на животи“ во Газа.