Османи:Судан го призна Косово

Косовската претседателка Вјоса Османи и суданскиот министер за надворешни работи Али Јусуф ал Шариф на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција

Судан, земја на североистокот на Африка, ја призна независноста на Косово во саботата, објави косовската претседателка Вјоса Османи. Таа во објава на социјалната мрежата Х порано позната како Твитер изјави дека Косово и Судан се договориле да воспостават дипломатски односи.

„Ова е почеток на едно големо партнерство“, напиша Османи.

Признавањето од Судан е второ за неколку недели за Косово, откако на крајот на март го призна уште една африканска земја, Кенија.

Во видеото заедно со суданскиот министер за надворешни работи Али Јусуф ал Шариф на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, Османи рече дека ја информирал за одлуката на суданскиот претседател да го признае Косово и да воспостави односи меѓу двете земји.

Признавањата од Кенија и Судан доаѓаат по период на стагнација во процесот на меѓународно признавање на Косово. Пред нив, последната земја што го призна Косово беше Израел, во 2021 година.

Судан сега стана 119-та земја што го призна Косово. Претходно Србија ја осуди одлуката на Кенија да го признае Косово и рече дека тоа може да влијае и на односите на Белград со таа африканска земја.

Видете и ова: Кенија го призна Косово



Авторот на книгата „Признавање на државите“,Гезим Висока, смета дека доколку се вклучат институциите, ова може да биде „пресвртница во корист на Косово“.

„Признавањето на Кенија претставува добра можност за Владата на Косово, но и за другите ангажирани актери, да ја вратат динамиката и да работат на одржлив и стратешки начин со цел да се заврши процесот на меѓународно признавање на Косово“, изјави тој за Радио Слободна Европа.

Судан го призна Косово околу три недели подоцна.

Висока, професор по мировни и конфликтни студии на Универзитетот во Даблин во Ирска, вели дека во иднина Косово треба да цели на 10 до 12 признавања во рок од една година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази страв дека признавањето на Кенија може да го поттикне трендот на признавање на Косово.