Паметните телефони ослободени од „реципрочните“ тарифи на Трамп

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ги ослободува паметните телефони, компјутерите и другата електроника од своите „реципрочни“ тарифи, што би можело да помогне да се одржат ниски цените на популарната електроника за широка потрошувачка што вообичаено не се произведува во САД.

Овој потег, може да биде од корист за технолошките гиганти како Ејпл (Apple) и Самсунг (Samsung) и производителите на чипови како Нвидиа (Nvidia).

Царината и граничната заштита на САД соопштија дека предметите како паметни телефони, лаптопи, хард дискови, монитори со рамен екран и некои чипови ќе се квалификуваат во секцијата за ослободување од тарифи.

Видете и ова: Кина ги зголеми царините за Америка на 125 отсто



Машините што се користат за производство на полупроводници, исто така, се ослободени од тарифите, што значи дека нема да подлежат на сегашните тарифи од 145 проценти наметнати на Кина или на основните царини од 10 проценти наметнати на други земји.

Исклучоците го стеснуваат опсегот на тарифите од 10 проценти што ги објави Трамп претходно овој месец, како и казнените дополнителни царини за стоки од Кина.

Трамп конкретно ја таргетираше Кина со неговите „реципрочни тарифи“ кои беа наменети за справување со практиките што Вашингтон ги смета за нефер.

Трамп воведе нова царина од 125 отсто на стоки од втората по големина економија во светот, која стапи на сила оваа недела. Тоа беше надополнување на претходната давачка од 20 отсто наметната од Трамп поради наводната улога на Кина во синџирите на снабдување со фентанил и другите постоечки царини кон неа наметнати од претходните администрации, со што целосната царина за Кина достигна најмалку 145 отсто.

Многу од ослободените производи, вклучувајќи хард дискови и компјутерски процесори, генерално не се произведени во Америка.

Иако Трамп ги наведе тарифите како начин за враќање на производството во САД, веројатно ќе бидат потребни години за да се зголеми производството.