Американски судија дозволи депортација на пропалестински активист

Протести на кои демонстрантите бараат ослободување на студентот Махмуд Калил

Американскиот судија за имиграција во петокот одлучи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп може да ја продолжи постапката за депортација на Махмуд Калил, студент на додиплонски студии на Универзитетот Колумбија и палестински активист, кој беше уапсен во Њујорк минатиот месец, јавува новинската агенција Ројтерс.

Судијата Џејми Команс од Судот за имиграција во Луизијана, соопшти дека нема овластување да ја поништи одлуката на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој минатиот месец, повикувајќи се на Законот за имиграција и националност од 1952 година, пресуди дека Калил треба да биде депортиран од САД бидејќи неговото присуство има „потенцијално сериозни негативни ефекти врз надворешната политика на САД“.

Оваа одлука не е конечна во однос на евентуалната депортација на Халил.

Во одделен случај во федералниот суд во Њу Џерси, американскиот окружен судија Мајкл Фарбиарц ја блокираше депортацијата додека го разгледуваше тврдењето на Калил дека со неговото апсење на 8 март бил прекршен првиот амандман на Уставот на САД, кој гарантира слобода на говорот.

Видете и ова: Полицијата ги протера пропалестинските демонстранти од Универзитетот во Њујорк


Калил, кој е член на пропалестинското студентско движење во кампусот на Универзитетот Колумбија, е роден во палестински бегалски камп во Сирија, има алжирско државјанство и минатата година стана легален постојан жител на Соединетите држави. Неговата сопруга е американски државјанин.

Станува збор за случај кој го потикна интересот на медиумите и јавноста и кој се смета за испитување на обидот на администрацијата на републиканскиот претседател да ги депортира странските пропалестински студенти кои легално се наоѓаат во САД и против кои не е покренато обвинение, пишува новинската агенција Ројтерс.

Администрацијата тврди дека Калил и другите странски студенти кои учествуваат во пропалестинските протести им штетат на интересите на надворешната политика на САД, повикувајќи се на одредба од Законот за имиграција и националност што му дава на државниот секретар широко овластување да одлучи дали ќе ги депортира имигрантите.