Трамп по здравствениот преглед: Во многу добра форма сум

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се чувствува одлично и дека е „во многу добра форма“ по неговиот прв медицински преглед откако се врати во Белата куќа.

Седумдесет и осум годишниот претседател пристигна на 11 април во Медицинскиот центар Волтер Рид во предградието на Вашингтон на физички преглед кој го стави фокусот на кардио и когнитивните тестови.

Тој подоцна пред медиумите изјави дека „секој одговор му бил точен“ на когнитивниот тест и рече дека има не само „добро срце“, туку и „многу добра душа“.

„Мислам дека помина добро“, рече Трамп за прегледот, додавајќи дека го поминал „секој тест што можете да го замислите“ и дека извештајот се очекува да биде готов на 13 април.

Американските претседатели традиционално даваат детали за нивното здравје и благосостојба, иако не се принудени да го сторат тоа.

Видете и ова: Специјалниот пратеник на Трамп, Виткоф во ненадејна посета на Москва



Трамп постојано беше обвинуван за недоволна отвореност за неговото здравје, но Белата куќа соопшти дека претседателскиот лекар Шон Барбабела ќе го прочита извештајот од прегледот и дека „се разбира“ ќе биде јавно објавен.

„Можам да потврдам дека претседателот е во многу добра форма, како што гледате речиси секојдневно“, рече портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.

Трамп, многугодишен играч на голф кој, како што вели, се воздржува од алкохол и цигари, постојано се фали со својата енергија откако го започна вториот мандат. Но, тој е познат по тоа што се препушта на брза храна. Толку многу му се допаѓа што направи фотографска сесија во Мекдоналдс за време на неговата кампања минатата година.

Лекарот од Белата куќа во неговиот прв мандат, Рони Џексон, во 2018 година изјави дека со поздрава исхрана Трамп може „да доживее 200 години“.

Прегледите спроведени за време на неговиот прв мандат открија дека Трамп земал лекови за лекување на висок холестерол.

Извештајот на Џексон сугерираше дека Трамп треба да се стреми да изгуби 10 до 15 килограми, но рече дека генерално е во „одлично здравје“ без знаци на „никакви когнитивни проблеми“.

Возраста и когнитивното здравје станаа главен проблем на изборите во 2024 година, кога Трамп и тогашниот претседател Џо Бајден се соочија како најстари големи партиски кандидати во историјата.

Бајден, кој сега има 82 години, беше принуден да се откаже од трката откако вербално „се сопна“ на ТВ дебата против Трамп во јуни, која ја стави загриженоста за неговото здравје на врвот на агендата.

Откако се врати на функцијата, Трамп постојано ја споредуваше сопствената сила со Бајден, додека Белата куќа ја обвини претходната администрација дека го прикрива, како што вели, падот на Бајден.