Американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк, поднесува оставка, објави Стејт департментот, оставајќи ја позицијата празна додека траат клучните мировни преговори меѓу Вашингтон, Киев и Москва.
Таа беше назначена од поранешниот претседател Џо Бајден и е во Киев од мај 2022 година, каде што ги водеше односите меѓу САД и Украина за време на критичниот период обележан со сеопфатната инвазија на Русија врз Украина.
„Амбасадорката Бринк се повлекува. Таа беше амбасадорка три години. Тоа е долго време во воена зона“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус, за новинарите на 10 април.
Се очекува таа да ја напушти функцијата во наредните недели.
Мандатот на Бринк опфаќаше две претседателски администрации кои се разликуваа во нивните политики кон Украина.
Односите со Москва се влошија на најниско ниво по Студената војна за време на администрацијата на Бајден, која ги прекина комуникациите со рускиот претседател Владимир Путин во време на најголемата војна во Европа по Втората светска војна.
Спротивно на тоа, администрацијата на Трамп повторно воспостави директен контакт со Кремљ.
Видете и ова: Од Дејтон до Ријад, „шатл- дипломатијата“ на делоТрамп и Путин телефонски разговараа најмалку двапати во последните неколку месеци, а Вашингтон во моментов се обидува да посредува во мировен договор меѓу Украина и Русија.
Бринк е најновиот висок дипломат од кариера кој поднесе оставка под сегашната администрација, вклучувајќи го и Џон Бас, третиот највисок функционер во Стејт департментот, кој се повлече од функцијата во јануари.
Не беше наведена причина за одлуката на Бринк да се повлече, но Ројтерс цитираше извори кои велат дека потегот бил по нејзина слободна волја.
Бринк се соочи со критики од украинскиот претседател Володимир Зеленски за нејзиниот одговор на смртоносниот руски ракетен напад врз украинскиот град Криви Рих минатата недела, во кој загинаа 20 луѓе, меѓу кои и девет деца.
Во објава на социјалните мрежи за нападот од 4 април, Бринк не ја спомена Русија како одговорна, по што претседателот Зеленски изрази разочарување.