Според Судскиот совет, возачот што ја прегазил Теодора не можел да добие повисока казна

Судски совет

Во случајот со прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово во 2022 година, судот не можел да изрече повисока казна за возачот бидејќи од страна на Обвинителството немало жалба во досегашната судска постапка.

Ова е заклучокот што може да се извади од извештајот што го објави Судскиот совет откако работна група го разгледа случајот по досудената двегодишната казна затвор за возачот Менсур Пајазити што покрена лавина реакции во јавноста.

„Согласно член 428 од Законот за кривична постапка (ЗКП), ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, велат од Судскиот совет.

Пред да го наведат ваквиот заклучок, од Судскиот совет хронолошки се осврнуваат на тоа како се движел случајот во судската постапка изминатите години, каде не може да се сретне дека имало жалба од обвинителството.

Видете и ова: Извештајот од работната група за случајот со Теодора доставен до Судски Совет

Според хронологијата, за прегазувањето на младата Теодора, во јуни 2023 Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово поднело обвинителен предлог за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. За ова дело, предвидена е казна затвор од една до пет години.

Во судот се оформил предмет, а пресуда била донесена на 30 ноември 2023 со која обвинетиот Пајазити добил затвор од три години и шест месеци.

Против пресудата на тетовскиот Основен суд, само обвинетиот преку својот адвокат поднел жалба до Апелацискиот суд Гостивар, а Вишото јавно обвинителство Гостивар се изјаснило таа да се одбие како неоснована, покажува извештајот на Судскиот совет.

Апелација одлучила делумно да ја уважи жалбата така што „на обвинетиот ќе му се изрече поблага кривична санкција“.

„Со пресуда на Апелациониот суд Гостивар пресудата на Основниот суд Тетово се преиначува само во делот на одлуката за кривичната санкција, така што обвинетиот се осудува на казна затвор во траење од две години“, наведуваат од Судскиот совет.

Видете и ова: Мицкоски го повика Судскиот совет да го преипита работењето на судијата кој ја донесе пресудата за смртта на Теодора

На ова, било поднесено барање за вонредно преиспитување на пресудата, за што Врховниот суд одлучил да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење.

Тогаш се оформил нов предмет, и за нов судија бил назначен Ељведин Ферати.

На 7 април годинава, се одржало судско рочиште, обвинетиот возач признал вина, а Ферати ја изрекол пресудата во траење од две години.

Тој, според заклучокот од Судскиот совет, не можел да изрече казна на штета на обвинетиот бидејќи претходно имало жалба само во негова корист.