Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека ЕУ ќе ги стави во мирување планираните царини за американските стоки „за да им даде шанса на преговорите“. Ова следува откако американскиот претседател Доналд Трамп го паузираше воведувањето царини од САД на 90 дена.
Унијата, во која членуваат 27 европски држави, вчера (9 април) даде зелено светло за да ги презеде првите мерки како одмазда за царините за извоз на челик и алуминиум во САД.
„Додека го финализираме усвојувањето на контрамерките што ќе ги преземе ЕУ, кои имаа силна поддршка од нашите земји-членки, ќе ги ставиме царините во мирување 90 дена. Доколку преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, рече Фон дер Лајен.
Видете и ова: Трамп објави 90-дневна пауза за царините за повеќето земји, за Кина ги зголеми на 125 отстоПретседателот Трамп минатата недела најави воведување тарифи од 20 отсто за увоз од ЕУ, како дел од неговите глобални „реципрочни“ мерки против голем број земји.
Контрамерките што ЕУ ги одобри вчера се насочени кон американски производи во вредност од повеќе од 20 милијарди евра, вклучувајќи соја, мотоцикли и козметика.
Унијата сè уште работи на одговор на универзалните царини на Трамп, кои ја погодија ЕУ со стапка од 20 проценти, како и на наметнатите тарифи за автомобилскиот сектор.
Фон дер Лајен нагласи дека „работата продолжува“.
„Сите опции остануваат на маса“, рече таа.
Видете и ова: Земјотресот со американските царини индиректно ќе ја погоди македонската економијаБрисел јасно стави до знаење дека претпочита да избегне одмазда.
Во претходна изјава во текот на денот, шефицата на Европската комисија ја поздрави одлуката на Трамп да ги паузира планираните царини нарекувајќи ја „важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“.
Таа рече дека ЕУ „останува посветена на конструктивни преговори со САД“ и ја повтори понудата на Унијата за билатерално царинско ослободување за автомобили и други индустриски стоки.