Клакочар Зупанчич: Словенија останува силен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија

Северна Македонија - Уршка Клакочар Зупанчич, претседателката на Државниот збор на Република Словенија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, Скопје, 9 април 2025 година.

Словенија останува силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат, рече претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич по средбата со претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, на заедничката прес-конференција на 9 април.

„Државите се многу блиски партнери, а соработката е базирана на заеднички вредности и заедничко партнерство. Словенија беше и останува силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот евроатлански пат и ги поттикнува иницијативите за остварување на соодветно економско подрачје, една соодветна праведна законодавна рамка, бидејќи тоа се два клучни елементи на нашата соработка. Убедена сум дека тоа ќе биде сега истакнато на нашите средби во рамки на програмата на оваа посета. Верувам дека ќе најдеме дополнителни можности за продлабочување на соработката“, рече Клакочар Зупанчич.

Видете и ова: Јандроковиќ: Ја имате поддршката од Хрватска на патот кон ЕУ

Гаши изрази благодарност до Словенија, која, како што рече, е непоколеблив поддржувач на нашите аспирации за интеграција во ЕУ.

„Политичкиот придонес (како процесот Брдо-Бриони и „нон-пејперот“ од 2023 година), како и техничката поддршка на Словенија во зајакнувањето на административните капацитети за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ, ја потврдија успешната соработката меѓу нашите институции и искрената подготвеност на Словенија за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, рече Гаши.

Во рамки на дводневната посета на македонското собрание, Клакочар Зупанчич утре ќе се сретне и со Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на РСМ и со членовите на комисијата.