Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека самиот влегол во Клиничкиот центар на Србија за да ги посети повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
Изјавата на Вучиќ доаѓа откако студентите во блокада во Србија поставија и шесто барање, а тоа е да се утврди кој е одговорен за посетата и престојот на новинарските екипи во Клиничкиот центар во кој беа сместени повредени од пожарот во Кочани.
„Никој не сакаше да ме пушти, тоа беше моја волја. Не мора да бркаат никого, влегов сам. Гордиот Александар Вучиќ, чија идеја беше да го реновира Клиничкиот центар, а бидејќи е толку модерен, тие луѓе имаа каде да дојдат. Шестото барање е исполнето, јас сум виновен“, рече Вучиќ по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 9 април.
Српските студенти бараат да се поведе постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорката на Клиничкиот центар на Србија, Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар, Марко Ерчеговац и началникот на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар, Душан Мициќ.
„Здравствената установа и одговорните лица во таа установа кои дозволуваат голем број неовластени и несоодветно обучени лица да влезат на одделението за интензивна нега и да снимаат, фотографираат, па дури и да допираат пациенти, ги прекршуваат елементарните правила на струката и протоколите во постапувањето со имунокомпромитирани пациенти“, соопштија студентите на 7 април, кога го кажаа шестото барање.
Видете и ова: Најавена постапка поради посетата на Вучиќ на повредените во пожарот во „Пулс“Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ потврди за Радио Слободна Европа дека ќе биде отпочната постапка во врска со тоа кој им дозволил влез на претседателот Вучиќ и новинарите на Интензивна нега во српскиот Клинички центар.
Пашалиќ изјави дека постапката ќе отпочне на иницијатива на студентите во блокадата.
По пожарот во Кочани неколкумина потешко повредени беа пренесени на лекување во Белград, на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар во Универзитетскиот клинички центар на Србија, каде што Вучиќ ги посети на 17 март заедно со медиумски екипи.
Дел од барањето на студентите, исто така, беше адресирано до Народниот правобранител на Србија, од кого тие бараат да се спроведе постапка за контрола на работата на Ургентниот центар „во врска со повреда на правата од областа на здравствената заштита и загрозување на здравјето и животот на пациентите" на 17 март.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени и пренесени на лекување во македонските и во странски болници.