Меѓународна новинарска мисија бара од ЕУ јавно да ги осуди нападите врз медиуми и организации во Србија

Илустрација

Членовите на Мисијата за брза реакција за слободата на медиумите (МФРР) ја повикаа Европската унија (ЕУ) „да престане да се однесува како ништо да не се случува во Србија“ и јавно да ги осуди сите случаи на напади врз новинари, медиуми и граѓански организации.

„ЕУ мора да се изјасни. Бараме ЕУ да продолжи доследно и јавно да ги споменува овие причини секогаш кога ќе се сретне со претставници на српските власти, вклучително и со претседателот, и тоа да го објави јавно“, рекоа членовите на Мисијата на прес-конференција на крајот од посетата на Србија, јави агенцијата Бета.

Тие побараа и ЕУ „јавно да изјави дека нема да ги продолжи преговорите со Србија за поглавјето 23 додека не престанат сите напади врз новинари и граѓански организации“.

Членовите на Мисијата, која ја сочинуваат претставници на меѓународни новинарски здруженија, апелираа да се прекинат сите јавни напади врз новинарите, особено оние кои покриваат протести предводени од студентите.

Тие оценија дека Србија, кога се медиумите во прашање, се соочува со невидена криза која бара брза реакција.

Видете и ова: „Тур д Стразбур“- барањата на српските студенти ќе ги слушнат европските институции


За време на престојот во Србија, членовите на Мисијата за брза реакција за слободата на медиумите се сретнаа со новинари, претставници на медиумски здруженија, полицијата и обвинителството, како и претставници на ОБСЕ, Советот на Европа и делегацијата на ЕУ, но не и со претставници на српските институции.

Во Србија има повеќемесечни масовни протести, организирани од студенти кои ги блокираат државните универзитети - со барање да се утврди одговорноста на властите за смртта на 16 лица барајќи одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 16 лица.

Зад барањата на студентите застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓани кои со месеци се собираат на протести.

Демонстрациите станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во земјата, при што се отворија прашања дали несреќата во Нови Сад е предизвикана од невнимание и од корупција на системот.