Две лами починале викендот во Зоолошката градина во Скопје. Резултатите од лабораториското тестирање од првата угината лама покажува дека таа била болна од туберколоза.
Како што објави новинската агенција МИА, Агенцијата за храна и ветеринарство во петокот спровела вонреден инспекциски надзор по добиена пријава за угинување на една лама и уште една заболена лама.
- Земени се мостри за лабораториско тестирање од угинатата лама за која е потврдено со лабораториско тестирање дека била болна од туберкулоза. Мостри се земени од заболеното животно лама кое подоцна угинало. Резултатите од анализите кои треба да го утврдат причинителот за угинување и на второто животно сѐ уште не се готови – велат од Агенцијата за МИА.
Од АХВ додаваат и дека „на одгледувалиштето за лами во ЗОО градина Скопје, од страна на официјален ветеринар наредени се биосигурносни мерки со цел спречување на ширење на болеста и тестирање на останатите лами во одгледувалиштето“.
Денеска преку објава на Фејсбук реагираше и Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Зоолошката стара 100 години, но бавно се модернизира- Во Куќата на стравот т.е Скопје ЗОО погинаа две Лами од редок вид, за ова од институцијата молчат како и секогаш и навистина сум згрозен од целото ова кое се случува три години во нашата Зоолошка градина. Според неофицијалните информации кои ги поседувам, Ламите починале викендов, а првичните резултати неофицијално е дека истите починале од туберкулоз - стои во објавата на Фејсбук во која Кирков додава дека подолго време во ЗОО Скопје нема стручен ветеринар.
Од скопската Зоолошка градина се огласија преку писмено соопштение во кое истакнуваат дека ламата била лекувана, но за жал угинала, а обдукцијата покажала дека има туберколоза во процес кој е постар од пет години.
Изминатиот период заедно со Факултетот за ветеринарна медицина лекувавме и терапиравме лама која иако беше направено се од медицински аспект и грижа, за жал угина. Обдукцијата и резултатите (со PCR метода) кај оваа лама покажаа туберкулоза, во процес кој е постар од пет години. За оваа болест кај животните нема лек, ниту пак постои вакцина, а често и со години заболените единки не покажуваат никакви симптоми – велат од ЗОО Скопје.
Оттаму тврдат дека веднаш во соработка и советување со АХВ( Агенција за храна и ветерина), биле направени туберкулински тестови на сите лами и секојдневно се следи нивната ситуација, а се и под медицински надзор.
Ламите се домашни животни од фамилијата камили, кои потекнуваат од Јужна Америка – велат од ЗОО Скопје.