Еден приведен, по другиот се трага, за пукањето објавено на „Фејсбук“

Илустрација - Одземено оружје

Лишено од слобода е едно лице, по друго се трага, во врска со пукањето објавено на социјалните мрежи, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во текот на вчерашниот ден, врз основа на споделено видео на социјалната мрежа „Фејсбук“ во кое се пука, а поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело, полициски службеници извршиле претрес во село Црнилиште, општина Долнени, во домот на Џ. Ќ., на 51-годишна возраст.

„Пронајдени се три парчиња оружје што ги поседува со дозвола и тоа: полуавтоматска ловна пушка, репетирачки карабин и полуавтоматски пиштол, како и 395 куршуми различен калибар, 17 парчиња ловен патрон и еден ресивер поврзан на видео-надзор инсталиран во домот“, појаснуваат од Министерството.

Пронајдените предмети биле одземени поради сомнение за извршено кривично дело, а потоа, како што инфомира МВР, следи постапка за одземање на дозволата за оружје.

„Џ. Ќ. е лишен од слобода, а се преземаат мерки за пронаоѓање на неговиот син А.Ќ. и за расчистување на случајот“, истакнуваат од МВР.