Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ), Каја Калас, од 7 до 9 април ќе посети повеќе земји од Западен Балкан.
За време на нејзината прва посета на регионот како шефица на европската дипломатија, Калас ќе ги посети Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
ЕУ соопшти дека на првиот ден од нејзината турнеја, во Црна Гора, високата европска функционерка ќе се сретне со претседателот Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ. Тој ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество.
Црна Гора меѓу земјите во регионот најмногу напредуваше на патот кон членство во ЕУ.
Калас на 8 април во Албанија ќе има средби со претседателот Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама. Таа ќе одржи и заедничка прес-конференција со Рама.
Шефицата на европската дипломатија во Албанија ќе се сретне и со министерот за Европа и европски прашања Игли Хасани и со министерот за одбрана Пиро Венгу.
„Ќе учествува на првиот состанок за Дијалогот за безбедноста и одбраната ЕУ-Албанија со министрите Хасани и Венгу. Исто така, Калас ќе присуствува на церемонијата на потпишување на грант од Европската инвестициска банка и договор за заем за пругата Драч-Рогозин“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Калас: За да го одвратиме агресорот, мора да ја зајакнеме одбранатаНа последната станица од посетата на Западен Балкан, Каја Калас ќе престојува во Босна и Херцеговина, каде ќе оствари средби со членовите на тричленото Претседателство, претседателот на Советот на министри и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, како и со претставници на ЕУФОР.
За време на сослушувањето за потврда за нејзиното назначување за шефица за надворешни работи на ЕУ, Калас вети дека ќе работи на тоа проширувањето на ЕУ да стане реалност. Шест земји од Западен Балкан - освен Косово - како и Украина, Молдавија, Грузија и Турција се кандидати за членство во ЕУ.
Косово поднесе барање за членство во европскиот блок, но оваа апликација уште не е разгледана.