Дел од републиканците во американскиот Сенат го поддржаа конгресниот надзор на царините

Републиканскиот сенатор Чак Грасли, еден од предлагачите на законот со кој би се укинале новите царини, освен ако Конгресот изречно не ги одобри, 19 октомври 2021 година.

Нацрт-законот во американскиот Сенат кој ќе бара одобрување од Конгресот за нови царини доби поголема поддршка од републиканците во петокот (4 април), вториот ден од падот на берзата предизвикан од потегот на претседателот Доналд Трамп да воведе нови царини за увоз.

Републиканските сенатори Лиза Мурковски од Алјаска, Мич Меконел од Кентаки, Џери Моран од Канзас и Том Тилис од Северна Каролина се приклучија како коспонзори на предлог-законот што во четвртокот го претставија републиканецот Чак Грасли од Ајова и демократската сенаторка Марија Кантвел, со кој би се укинале новите царини на американскиот Конгрес освен ако Конгресто изречно не ги одобри.

Видете и ова: Земјотресот со американските царини индиректно ќе ја погоди македонската економија

Нејасно е дали предлогот има некакви шанси да помине во Сенатот, каде што партијата на Трамп има мнозинство од 53 спрема 47, а многу членови и републикански лидери изразија поддршка за потегот со царините, кој според економистите ќе ги зголеми цените и ќе ризикува рецесија, додека Белата куќа вели дека ќе донесе нови инвестиции во САД.

„Секоја земја има уникатни индустриски сектори кои се различно погодени од промените на глобалните пазари и трговските политики, како што се земјоделството, производството на автомобили и производството на авиони“, изјави Моран за агенцијата Ројтерс. „Уставот му дава на Конгресот овластување да донесува одлуки за надворешната трговија, вклучувајќи ги и тарифите“.

Тоа е најнов знак на немир меѓу републиканците во Сенатот поради огромните нови царини на Трамп за најголемите трговски партнери на САД, по усвојувањето на нацрт-законот поддржан од четворица републиканци и сите демократи во Горниот дом на Конгресот во вторникот, со кој би биле укинати новите царини за Канада.

Засега нема индикации дека Претставничкиот дом, исто така контролиран од републиканците на Трамп, ќе го прифати законот.

Тилис изрази загриженост за ефектите од царините врз земјоделството во неговата родна држава Северна Каролина.

Тој додаде дека слушнал од републиканците во Домот од неговата држава дека „добиваат многу“ поплаки од нивните изборни единици за царините.

Тилис, еден од тројцата републиканци кои бранат место во Сенатот, кој се смета за конкурентен на изборите следната година, рече дека земјоделскиот сектор во неговата држава, кој произведува свинско, пилешко и мисирка, може да биде погоден од одмазднички царини.

Тој рече дека сака да види детали од администрацијата на Трамп за „добро артикулирана стратегија“ во наредните недели за тоа што ќе постигнат царините. Рече и дека се надева, на пример, дека администрацијата ќе работи на „голем трговски договор“ со голем трговски партнер кој потенцијално ќе ги замени казнените царини.

Во објава на социјалните мрежи во петокот (4 април), Трамп рече дека неговата политика „никогаш нема да се промени“.