Метеоролозите за денеска (5 април) најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди. Локално ќе има услови за развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од четири до 9, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со подолги сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до осум, а ќе се движи до максимални 20 степени.
Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има продор на студена воздушна маса од север, кој ќе предизвика значителна промена на времето. Ќе преовладува претежно облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките места од дожд и снег. На планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка, од 10 до 15 сантиметри.
Ќе дува засилен северен ветер, над 70 километри на час, а температурите значително ќе опаднат. В понеделник со засилен северен ветер наместа ќе провејува слаб снег, а потоа времето ќе биде стабилно и ветровито со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни.