Најмалку три лица загинале, а 32 се повредени во напад со руски дрон во Харкив

Харкив, Украина

Руски дронови синоќа (3 април) го нападнаа вториот по големина град во Украина, Харкив, погодувајќи станбени згради и подметнувајќи пожари во кои загинаа најмалку три лица, а 32 беа повредени, соопштија локалните власти.

Регионалниот гувернер Олег Синегубов изјави дека меѓу ранетите има и две деца.

Тој рече дека се зафатени неколку високи станбени згради, при што избувнал пожар на покривот на една од зградите. Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините по преживеани.

Градоначалникот Игор Терехов изјави дека под урнатините се пронајдени останките на трето лице.

Синегубов, исто така, рече дека едно лице е повредено во напад со дрон во село во близина на Харкив.

Видете и ова: По еднодневна пауза, Русија ги продолжува масовните напади врз Украина

Во текот на изминатата недела, Харкив, во североисточна Украина, беше цел на напади со руски дронови речиси секоја ноќ.

Во градот Днипро три лица се повредени во масовен напад со дрон. И во регионот Запорожје, најмалку седум беспилотни летала нападнаа цели во регионот, при што беше повредено едно лице, соопштија локалните власти.

Во меѓувреме, московскиот градоначалник Сергеј Собјанин изјави дека руските единици за противвоздушна одбрана одбиле дрон што се приближувал кон Москва.

„Единиците за воздушна одбрана на Министерството за одбрана одбија напад на беспилотно летало што леташе кон Москва“, напиша Собјанин на апликацијата Телеграм.