Семејствата на жртвите од модуларната болница бараат обновување на истрагата

Агрон Арифи од Иницијативата Нула на семејствата на жртвите од модуларната болница во Тетово

Претставници на семејствата на жртвите од трагедијата во модуларната болница во Тетово изјавија дека се приклучуваат кон јавното писмо од иницијативата Нула до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за обновување на истрагата за овој случај.

Според претставниците на семејствата, постојат сериозни докази кои сметаат дека Обвинителството ги има отфрлено во досегашната постапка пред судот во Тетово.

„Целата јавност знае дека постојат сериозни докази за пропусти при изградбата на модуларната болница кои можат да бидат единствени причини за пожарот. Тоа беше потврдено и со германското вештачење-независен и кредибилен доказ кој за жал беше отфрлен од обвинителството. Затоа, драг Љупчо, како наш сограѓанин од Тетово, Вие најдобро ја разбирате болката и гневот на семејствата на жртвите и на целата заедница. Ова не е само правно прашање. Ова е морална обврска кон тие што ги изгубивме, но и кон сите граѓани што денес живеат со страв дека ова може да се повтори, а никој нема да одговара“, изјави Агрон Арифи од Иницијативата, во име на семејствата на жртвите.

Семејствата на 14-те жртви бараат од Обвинителството да ја обнови истрагата за како што велат, вистинските виновници на пожарот во модуларната болница во Тетово.

„Време е некој да преземе одговорност. Време е правдата да излезе од фиока. Како семејства на загинатите, бараме од Вас: да формирате независен тим кој ќе ги испита сите аспекти на случајот, вклучително и евентуалното одолговлекување на постапката. Да гарантирате дека судската постапка ќе се води без политичко-бизнис влијание. Да обезбедите транспарентност и отчетност во Вашата работа, во согласност со законските обврски. Да го земете германското вештачење како клучен доказ во истрагата. Ние нема да молчиме. Ќе продолжиме да зборуваме за нашите најблиски кои ги изгубивме, за вистината, за правдата која е ветена, но никогаш донесена“, истакна Арифи.

Во Основниот суд Тетово денеска (3 април) продолжи доказната постапка во рамки на повторно судење за пожарот во модуларната болница во кое осомничени се двајцата поранешни директори на болница и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правно лице.

Видете и ова: Три години од несреќата во модуларната болница во Тетово, одговорност нема

На 5 јуни 2023 година Основениот суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.

Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор дека нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години нема да сторат ново кривично дело.

Правното лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.

Во пожарот во модуларната болница во Тетово животот го загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Од 14-те луѓе кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму, како заболени од Ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.