Покренато обвинение и за таткото на возачот кој ја усмрти Фросина

Протест по загинувањето на младата Фросина Кулакова во близина на Универзалната сала во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 50-годишниот Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова во сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“.

Јованов се товари за кривично дело-предизвикување општа опасност, бидејќи во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година свесно му дозволувал на својот син да управува возило пежо 207, иако знаел дека нема возачка дозвола и дека претходно направил повеќе сообраќајни прекршоци и кривични дела.

Според обвинението, Васил Јованов бил сторител на сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022 година, а во текот на 2023 и 2024 година сторил 11 сообраќајни прекршоци, меѓу кои возење без возачка дозвола, управување под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајните правила.

Видете и ова: Поднесено обвинение за сообраќајката во која загина Фросина Кулакова

Обвинителството смета дека таткото со своите постапки создал опасност за животот на луѓето, иако бил свесен за можните последици.

Младата Фросина беше прегазена на печашки премин на булеварот „Партизански одреди“ на 29 јануари, 15 минути пред полноќ. Јованов, како што соопшти ОЈО, управувал со возилото под дејство на алкохол и возел со речиси двојно поголема брзина од пропишаната.

Основното обвинителство до Кривичниот суд на 28 март достави обвинителен акт против Васил Јованов со кој се товари за тешки дела против безбедносната на луѓето и имотот и му е запретена максимална затворска казна од 20 години.

Инаку во текот на минатиот месец, граѓани неколку пати излегоа на протест излегоа на протест со порака „ Не умираме од несреќи, туку од корупција“. Тие бараа одговорност од институциите, суштински промени, во како што велат, корумпираниот систем и правда за жртвите загинати во сообраќајни несреќи.