Пет пациенти се враќаат од лекување во странство, кај четворица критични состојбата непроменета

Прес конференција на министерот за здравство Арбен Таравари, 26 март 2025 година

Бројот на пациенти кои се лекуваат во странство во моментов е 113, а се очекува во текот на денот да се вратат уште пет пациенти кои беа повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, информира денеска (26 март) на прес-конференција министерот за здравство Арбен Травари.

„За оние кои се лекуваа надвор од државата имаме добри вести. Денеска веќе не се бројка 115 туку 113 што се лекуваат. Вчера еден пациент е вратен од Србија и една пациентка е вратена од Бугарија. Денеска се враќаат пет пациенти, четворица од Шпанија и еден од Грција, со тоа до крајот на денот 108 пациенти ќе бидат на лекување во странство“, рече Таравари на прес-конференцијата.

Тој додаде дека најавени се уште четири пациенти за враќање, но за тоа утре дополнително ќе информираат.

Пациентите кои денеска се враќаат ќе бидат минимум под 24-часовен надзор според протоколот. Доколку конзилиумот од доктори одлучи дека треба да се пуштаат дома, ќе бидат пуштени на домашно лекување или ќе останат на лекување на некоја од клиниките.

Во здравствените центри во државата тој кажа дека во моментов се лекуваат 23 пациенти повредени во пожарот во Кочани, а повеќе од 20 се пуштени на домашно лекување.

Видете и ова: Бројни акции за донации, но и обиди за измами

Таравари рече дека пациентите кои се сместени во домашните болници во наредните денови ќе информираат кога ќе бидат пуштени дома. Очекува дека повеќе од половината од нив следните 5-6 дена да бидат испишани, а оние што се оперирани ќе треба подолг период да бидат задржани во болницата.

Најголем дел од пациентите кои се враќаат денеска се со изгореници. Министерот потврди дека кај четворицата пациенти во критична состојба кои се на лекување во странство, состојбата засега и натаму е многу тешка, но стабилна.

Видете и ова: Преживеани од пожарот во романската дискотека „Колектив“ нудат помош на погодените од несреќата во Кочани

Пациентите кои ќе притигнуваат од странство, засега ќе бидат прифаќани низ клиниките.

„Во меѓувреме веќе имаме понуди од одредени држави на тие кои се потешки пациенти и на кои им треба рехабилитација подолго време, евентуално да престојуваат подолго време надвор од државата. Но и тука планираме да направиме во внатрешноста некој центар за пациентите на кои ќе им треба подолга рехабилитација. Во моментот се уште немаме одредено центар, но размислуваме за 2-3 можни опции. Ќе ве известиме штом донесеме одлука како кризен штаб“, рече министерот за здравство Таравари.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Починатите, кои се на возраст од 16 до 48 години беа погребани во Кочани, Штип, Струмица и Скопје.