Пред самитот за Украина, Зеленски на разговори со Макрон во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски (архивска фотографија)

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва (26 март) пред самитот на земји кои се подготвени да помогнат во гарантирањето на евентуалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.

Франција и Велика Британија ја предводат иницијативата за формирање на таканаречена „коалиција на подготвените“, која би била составена од земји подготвени да обезбедат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина.

Концептот треба да биде финализиран на утрешниот самит во Париз.

Според информациите до кои дојде ДПА, западните сојузници на Украина размислуваат за мониторинг на можна демилитаризирана зона на границата меѓу Русија и Украина.

Видете и ова: Разговорите меѓу САД и Русија за Украина беа „интензивни“, но корисни, вели руски преговарач

Тоа би се правело првенствено од воздух и со помош на технички средства како сателити и дронови. Поморските единици би можеле да бидат распоредени и за следење на слободата на пловидба во Црното Море.

Според плановите, преку Обединетите нации може да се мобилизираат мировни сили во конвенционална смисла, составени исклучиво од војници од непартиски трети земји.

Европските сили потоа би можеле да бидат стационирани на западната граница на Украина и да понудат програми за обука за нивните украински партнери. Главниот гарант за безбедност ќе биде нуклеарната суперсила на САД.