Папата Франциск бил толку блиску до смртта што лекарите размислувале да го прекинат лекувањето

Папата Франциск ја напушта болницата Џемели во Рим, 23 март 2025 година.

Поглаварот на Римокатоличката црква бил толку блиску до смртта во еден момент за време на неговата 38-дневна битка со пневмонија во болницата Џемели во Рим што неговите лекари размислувале да го прекинат лекувањето за да му дозволат да умре во мир, изјави шефот на медицинскиот тим на папата Франциск.

По респираторната криза на 28 февруари, кога папата за малку ќе се задушеше од повраќање, „постоеше реален ризик да не успее“, рече лекарот од болницата Џемели, Серџо Алфиери.

„Моравме да одлучиме дали да застанеме таму и да го пуштиме или да продолжиме со сите можни лекови и терапии, изложувајќи го на висок ризик од оштетување на другите органи. На крајот се одлучивме за втората опција“, изјави Алфиери за италијанскиот весник Кориере дела сера, пренесе Ројтерс.

Папата Франциск (88) во неделата (23 март) се врати во Ватикан по најтешката здравствена криза што ја доживеа во неговиот 12-годишен понтификат.

Тој беше примен во болница на 14-ти февруари поради бронхитис кој се разви во билатерална пневмонија, особено сериозна здравствена состојба за некој кој боледувал од плеврит како млад човек, а кај кого потоа хируршки бил отстранет дел од едното белодробно крило.

Видете и ова: Папата Франциск испрати сочуство по повод несреќата во Кочани

Ватикан во своите дневни извештаи за здравствената состојба на папата Франциск за време на неговиот престој во болница достави невообичаена количина на детали и информации, пишува Ројтерс.

За време на престојот во болницата, Светиот Отец помина низ четири „респираторни кризи“ кои се манифестираа како тешки напади на кашлање предизвикани од стеснување на неговите дишни патишта, кои потсетуваат на напади на астма.

Со цел Папата целосно да закрепне, лекарите наредиле двомесечен одмор по неговото пуштање од болница.

Не се знае колку ќе може да биде виден во јавноста во наредните денови.