Новинарот на Радио Слободна Европа, Петар Клинчарски е добитник на втората награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарски награди „Никола Младенов 2024“ за серијата истражувања за злоупотреби во Државна лотарија поврзани со јавните набавки и закуп на деловен простор.
Tимот новинари од емисијата „КОД“ ја доби првата награда за серијалот истражувачки стории за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на ТВ Телма, додека на тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) му припадна третата награда за Најдобра истражувачка сторија за истражувањето „Украдени животи“, емитувано на МТВ1 и на веб-порталот на ИРЛ.
Новинарите на РСЕ, Билјана Николовска и Петар Клинчарски
Уште во 2023 година, Радио Слободна Европа пишуваше за сомнителните тендери во Државна лотарија на луѓе блиски до тогашната власт, а подоцна објави и дека Државна лотарија закупила деловен простор во скопско Визбегово за потребите на Лотарија кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.
Според договорот за закуп, акционерското друштво се обврзало да исплати 2,6 милиони евра на „Хеј ДООЕЛ“ за рентање на простор во следните 10 години или по речиси 22000 евра месечна кирија. Компанијата го купила земјиштето и објектот неколку месеци пред да склучи договор со Државна лотарија.
Видете и ова: Тендери без критериуми во Државна лотарија во времето на Перпарим БајрамиМинистерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати. И Перпарим Бајрами и Артан Груби се недостапни за органите на прогонот.
Новинарката Билјана Николовска пак доби пофалница за истражувачката сторија „Made in Veles“: Трамп картички со „милиони“, која ги разоткрива шемите за финансисики измами со картички со ликот на Трамп.
Видете и ова: „Made in Veles“: Трамп картички со „милиони“По неколкумесечно истражување и инфилтрација во затворени групи на платформата Телеграм, Радио Слободна Европа идентификуваше 69 луѓе кои создале лажни понуди за продажба на дебитна картичка со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп. Новинарите пронајдоа и 88 веб-страници кои беа активни во моментот на пишување на истражувањето, преку кои се нудат различни производи на, како што е посочено, „американските патриоти“. Од 69 креатори на слични производи за продажба, врз основа на податоците од социјалните мрежи, беше откриено дека најмалку 45 од нив како локација го поставиле градот Велес.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени и на Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Александар Димитриевски, Александар Методијев и Сузана Мицева.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на починатиот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.