Средба Соренсен-Вучиќ во Белград

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Србија-Косово, Петер Соренсен, Приштина, 17 март 2025 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со специјалниот претставник на Европската Унија за српско-косовски дијалог, Петер Соренсен во Белград.

Вучиќ на Инстаграм изјави дека првата средба била отворена и фер.

Тој изјави дека го информирал Соренсен за проблемите со кои се соочуваат Србите на Косово.

„Изразив особена загриженост за тешката положба во која се наоѓаат Србите поради бројните ескалирачки, еднострани и насилни потези на Приштина“, напиша Вучиќ.

Српскиот претседател оцени и дека Приштина спроведува „постојани опструкции во процесот на дијалог“ и повтори дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство, по 12 години одбивање на Приштина да ја исполни таа обврска е предуслов за почеток на суштинска нормализација на односите.

Видете и ова: Шефот на НАТО во Приштина: Флексибилност и компромиси за напредок во дијалогот со Србија

Претставниците на големата петорка-Европската Унија, САД, Франција, Германија и Италија им претставија нацрт-статут за Заедницата на општините со мнозинско српско население на Косово (ЗСО) и Србија во 2023 година. Статутот на Заедницата предвидува решение за положбата на српската заедница во Косово, ја регулира заштитата на нивните права, како и финансирањето од Србија.

Вучиќ изрази очекување дека Европската Унија ќе го зголеми својот ангажман за да го зачува кредибилитетот на дијалогот и да одржи непристрасна улога во овој процес.

Видете и ова: Соренсен во Приштина, Османи бара еднаков третман за Косово во бриселскиот дијалог

Тој додаде дека ставот на Србија е дека само конструктивниот дијалог и компромисните решенија можат да придонесат за долгорочен мир и стабилност на Западен Балкан.

Соренсен претходно ја посети Приштина на 17-ти март, каде што се состана со косовските власти.

Подоцна, европскиот посредник за новинарите изјави дека негов приоритет ќе биде да обезбеди средби меѓу претставниците на Косово и Србија.

„Дијалогот е таму за да се обезбеди одржување на состаноците. Дали тоа значи компромиси или не, зависи од страните да одлучат“, рече Соренсен.

Последната средба во Брисел, со посредство на Европската Унија, меѓу Косово и Србија се одржа на 17 декември минатата година.

Србија не ја признава независноста што Косово ја прогласи во 2008 година, но под покровителство на ЕУ води дијалог со Приштина за нормализација на односите што треба да резултира со правно обврзувачки договор.